Wednesday, May 1, 2024
HomeИздвојувамеПолитички игри во Македонија…

Политички игри во Македонија…

Во државата на поделби веќе подолго време граѓаните и општеството страдаат од т.н „политички бомбардирања.“ Сè започна гласно и експлозивно со објавата на првата т.н „Бомба“ од страна на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

Се чини дека по првото „детонирање“, од 9-ти Февруари изминатата година, па се до денеска сме под постојана политичка кампања. Иако, добрите познавачи велат дека политичката кампања во Македонија всушност има континуитет изминатите 10 години со доаѓањето на владејачката ВМРО ДПМНЕ. Објавувањето на прислушкуваните разговори означи почеток на крајот за навидум мирната површина на македонската полтичка сцена. Но „испод мира, триста вира“, за воља на вистината оваа држава никогаш немала стабилна полтичка ситуација.

Прислушкувани биле 20.000 граѓани, прислушкувале странски служби, па македонски соработници со тајните служби и така до бескрај. Тезите на властите за објавените материјали се менуваа во зависност од времето. Лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев катадневно излегуваше на прес конференции објавувајќи нови прислушкувани разговори, во кои беше гласот на сега веќе поранешните политички актери на владејачкото мнозинство.

Снимки од обичните 20.000 граѓани не слушнавме, но слушнавме за криминалот, репресијата, притисоците, манипулациите, местенките и нескромноста на власта. Владата на премиерот Груевски фатена во ќорсокак не сакаше да се земе во костец со проблемите. Се убедуваа со граѓаните дека тоа што го слушнале од „бомбите“ е креирано, сечено, лепено, монтирано и прелепувано, а сето тоа го вршела странска служба.

фото: Фејсбук страница на „Странски Служби“

На Македонија и се случи граѓански активизам, особено по објавувањето на разговорите околу смртта на младиот Мартин Нешковски за чие убиство властите имале поинаков план. Според она што можевме да го слушнеме во материјалите, тогашната Министерка за внатрешни работи му се жали на својот соговорник дека сето ова се случува во многу лош период и поради јавното експонирање на целиот случај, истиот не може лесно да се сокрие и подзаборави.

снимки бомби

фото: Фејсбук страница на „Странски Служби“

Следуваа протести. Масовните собири низ скопските улици, проследени со граѓански немири и судири со, како што тврди опозицијата, режимската полиција прераснаа во заштитен знак на месец Мај минатата година. Протестите од 6 и 7-ми мај како да беа предвесник за случувањата на девети мај во Куманово. Терористичкиот акт каков што го оцени тогашната Министерка, ја чинеше министерска фотелја, а Македонија осум загинати и 39 повредени припадници на специјалната единица на полицијата.policija mkl

Потоа на ред дојдоа масовните т.н граѓански собири од опозицијата и власта на 17ти и 18ти мај, каде на две локации во Скопје, двете најголеми македонски партии одлучија да си ги одмерат силите. Обете страни собраа во просек по околу 70тина илјади луѓе на своите организирани настани.

Продолжија политичките превирања, убедувања дека избори не доаѓаат во предвид, тврдења за одредена неавтентичност на објавените материјали, па се до отпочнување на кривична постапка за „Пуч“ против првиот „бомбаш“. На сите веќе им стана јасно дека европската заедница мора да вмеша прсти во полтичката „каша“.пржино Претстоеа мачни и долги преговори благодарение на кои, падна одлуката за организација на предвремени избори и формирање на техничка влада за излез од кризата. Загреаната премиерска фотелја до следните избори ќе ја чува техчничкиот премиер од ВМРО ДПМНЕ, Емил Димитриев.

Договорот од Пржино без кој гореспоменатото немаше да биде усвоено, беше спроведен во две фази. Едната беше на 2 јуни, а другата на 15-ти јули 2015 година. Всушност се договорија дека ќе се договараат. Но, ова не би била Македонија доколку е се како што треба и во цивилизирани околности. Во текот на преговарањето се изгуби граѓанскиот активизам и потребите на граѓаните кои допринесоа во државата да се почнат промени. Четирите „Музи“(ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) на Пржинскиот договор досега со танталови маки постигнаа договор за прашањето на формирање техничка влада која треба да ги спроведе изборите.

фото: Фејсбук страница на „Странски Служби“

Користејќи се со „повлечи – потегни“ стратегија, заеднички триумфираа во формирањето на Специјалното јавно обвинителство на чело со обвинителката Катица Јанева, која била заедничкиот избор на најголемите политички противници во преговорите. Таа заедно со својот добро платен тим треба да ги истражи сите индиции за криминал кои произлегуваат од „бомбите“, објавени пред постигнувањето на Договорот од Пржино. Јанева сега се соочува со жестока негативна кампања од страна на владејачката партија и поранешниот Премиер Груевски.

Преговарачките тимови доцнат со исполнувањето на договореното, не можат да се согласат за реформите во медиумите, за чија неслободна мисла говори и Рајнхарт Прибе во неговиот извештај и Репортерите без граници. Дополнително прочистувањето на избирачкиот список е еден од главните борбени фронтови на опозицијата и власта. Тие, натпреварувајќи сè во чие време поголем број на граѓани се отселиле и кој повеќе луѓе оставил на улица, како да подзаборавија на демократските принципи и вредности кои треба да бидат алфа и омега на следните избори.
кутија избориВо ситуација на „гужва пред гол“ пратениците на ВМРО ДПМНЕ користејќи го мнозинството во Собранието изгласаа негово распуштање на 20 февруари и избори на 24-ти април, предвидени во Пржинскиот договор. Иако според експертите и опозицијата сè уште нема услови за одржување на изборите во предвидениот рок, причина е доцнењето во исполнувањето на круцијалните точки од договореното за демократизацијата на избирачкиот процес.

СДСМ и помалите опозициски партии со став дека нема да учествуваат во избори додека не се прочисти избирачкиот список. Велат, не сакаат да бидат алиби за украдената победа на ВМРО ДПМНЕ, а создавањето услови за фер натпревар на 24ти април е невозможно. Пораките кои стигнуваат од европските дипломати се нејасни, Комесарот Јоханес Хан во неколку дена излезе со повеќе контрадикторни изјави. За него, изборите е важно да се регуларни со сите „нишани“, а не е важно кој ќе учествува на нив. Во друга изјава, пак дава јасно до знаење дека немањето договор меѓу политичките лидери за датумот за одржување на изборите, повлекува нивна одговорност да постигнат согласност за нов датум на изборите.
HanМенувањето на ставови веќе стана пракса на полтичката сцена во Македонија, но чуди фактот што во таа улога се пронајдоа и европските посредници. Олеснувачот на преговорите Питер Ванхауте во целата политичка бурлеска на оние кои го кочат процесот и притоа му упатуваат навреди и закани кратко им порача: „ Доколку не ви се допаѓа пораката убијте го гласникот!“

Медиумите, кои исто така се „на тапет“ за реформи, сеуште претставуваат болна точка за преговарачите. Секој од нив сака дел од медиумскиот „колач“ од Пржино, кој иако е оддамна „скиснат“ од професионален аспект, сепак на политичарите им е сладок и сакаат да добијат што поголем дел од него.televizija mediumski kolac Поранешниот Премиер Никола Груевски за вкупно два месеци бил трикратно поприсутен во медиумите отколку неговиот претходник во текот на целото владење. Од друга страна, техничкиот Премиер Димитриев е далеку „посрамежлив“ во медиумското појавување.

Додека траат препирањата за тоа кој, што и колку правел, Македонија е во надолен тренд, перспектива нема, а младите сè помасовно се отселуваат. Само во текот на изминатата 2015-та се иселиле околу 80.000 граѓани од државата. Демографскиот пораз кој ни се случува е само еден од проблемите за кои малку се презема. Младите одбиваат да живеат во реформираното општество како што го замислува владејачката консталација.

makedonija bez perspektiva

фото: Фејсбук страница на „Странски Служби“

Партиските вработувања, ниските плати, постојаните притисоци, партизираноста на општеството, неквалитетниот здравствен и експерименталниот образовен систем се адут плус за емиграцијата што ја „јаде“ иднината на државата.

Просечниот граѓанин го очекува навистина тежок период оваа година, предвидувањата говорат за потежок живот, поголема сиромаштија, за понизок животен стандард. На политичарите оддамна не им е грижа за интересите на граѓаните, но сега повеќе од било кога ним им е важно да си ги остварат своите партиски интереси.

„Политичките игри“ во Македонија продолжуваат – во нив не е важно кој учествува, важно е да се победи.


Автор: Никола Станков
Колумната е објавена и во српскиот месечник „Журналист
Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница.