Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаФилипче: Ќе правиме реформи за да нема кризи во здравството

Филипче: Ќе правиме реформи за да нема кризи во здравството

Ќе направиме се, па и измени на законската регулатива за никогаш повеќе да не се повтори криза како оваа со инсулинот и сите лекови во иднина да се набавуваат дури и предвреме. Ќе направиме и целосна надградба на електронскиот систем во здравството за тој да ги опфати сите институции и да ја олесни работата и да ни овозможи многу поголем увид во состојбите, порача денеска Венко Филипче на своето прво обраќање пред новинарите како министер за здравство.

– Сакаме да се подобри здравствената регулатива и тендерите за набавка на лековите да се распишуваат за подолг период наместо една година, како и да се распишуваат одреден период пред новата набавка, за никогаш повеќе да не се повтори ваква криза. Моментално нема инсулинска криза благодарение на донацијата од една фирма производител и ве уверувам дека ќе направиме се повеќе да не се случи таква криза – рече новиот министер за здравство.

Филипче најави целосна реформа на здравствениот систем за да се избегнат досегашните проблеми во здравството, почнувајќи од надградување и усовршување на електронскиот систем за евиденција.

Во поглед на паралелниот увоз на лекови, Филипче рече дека веќе се разговара со Министерството за информатичко општество и администрација да се измени законот за паралелен увоз и да се воведе сертификат за квалитет, како и систем за следење, за да се знае која доза лек каде завршила.

Филипче рече и дека со реформите ќе се настојува да се намалат непотребните трошења, па се размислува сите триесетина клиники во Скопје да се обединат во еден клинички центар, за да не се делат плати и хонорари на десетици директори и членови на управни одбори, а истата замисла ја има и за други капацитети во друтите градови.

Покрај зголемувањето на платите во здравството од 5 отсто од втората половина на следната година, новиот министер за здравство вети и зголемување на надоместокот за дежурства во работни денови од 900 до 1.340 денари сега на 2.500 до 3.000 денари, а за викенд дежурства наместо досегашните 2.800 денари да се исплаќаат по 4.000 денари.