Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВидео: Силни експлозии во Анкара, над 30 мртви

Видео: Силни експлозии во Анкара, над 30 мртви

Две страотни експлозии одекнаа денеска во турската престолнина, Анкара, пред одржувањето на најавениот мировен собир. Во експлозиите најмалку 30 лица го загубија животот, а 126 се повредени. Турските телевизии објавија снимки од хаосот на местото на нападот и повеќе безживотни тела, меѓу знамињата на демонстрантите.

Експлозиите се случиле во близина на железничката станица во центарот на Анкара. Цел на самоубиствениот напад беа граѓаните кои сакаа со марш во главниот град на државата да повикаат на прекин на насилствата и крвавите судири меѓу турската армија и курдските милитанти. Првата експлозија се слушнала околу 10 часот, по што набргу следела и втората детонација. Откажан е и најавениот мировен собир.

Официјални владини претставници соопштија дека експлозиите се терористички напад и ги проверуваат информациите дека барем една од детонациите била предизвикана од бомбаш-самоубиец. Лидерот на про-курдската партија ХДП ги обвини државните служби за нападот и ги откажа сите предизборни собири.

Мировниот собир во Анкара беше закажан пред вонредните избори во Турција, кои ќе се одржат на 1-ви ноември и откако во јули повторно ескалираа судирите меѓу турските сили и вооруженото крило на курдската работничка партија, по двегодишното примирје.