Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаРудниците „Добрево“ и „Тораница“ заглавија во стечај

Рудниците „Добрево“ и „Тораница“ заглавија во стечај

Стечај по пат на ликвидација за рудниците за олово и цинк Добрево во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка. Ова денеска го одлучи Собранието на доверители во штипскиот Основен суд.

Претседателот на Собранието на доверители, Тони Тоневски вели дека доверителите не го прифатиле барањето на фирмата „Лајф Стоун“ за стечај по пат на реорганизација, која во рок од четири години би ги подмирила 70 проценти од долговите, кои вкупно изнесуваат 8,7 милиони евра. На денешното прво Извештајно рочиште на Собранието на доверители повторно се избрани стечајниот управник и членовите на Одборот на доверители.

– Поголемиот процент од деверителите гласаа против иницијативата за стечај на рудниците по пат на реорганизација од фирмата Лај Стоун, по што ќе се оди со прифаќање на извештајот на стечајната управничка, кое што значи подмирување на побарувањата на доверителите со ликвидација, односно со продажбата на имотот. Со ова се надевам дека е најбрзиот начин да се продаде имотот што е можно побрзо и паралелно со тоа успешно да се спроведе и постапката за доделување на концесија, рече Тоневски.

Додека тече продажбата на имотото на рудниците во тек е и огласот за концесијата за рудниците „Добрево“ и „Тораница“. Инвеститорите можат да аплицираат до 14 ти март, а на 16 ти март кога е електронското надавање ќе се знае кој ќе ги преземе рудниците.