Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветМасовниот убиец доби тужба против Норвешка, му биле прекршени човековите права

Масовниот убиец доби тужба против Норвешка, му биле прекршени човековите права

На масовниот убиец му биле прекршени човековите права. Масовниот убиец, Андерс Беринг Брејвик делумно го добил судскиот процес против Норвешка во кој тврдел дека во затворот бил жртва на кршење на човековите права, пренесува „Ројтерс“. Норвешкиот суд вели дека државата ја прекршила забраната за нехумано и понижувачко постапување или казнување во случајот на Брејвик, па ќе мора да му плати оштета на масовниот убиец.

„Забраната за нехуман и понижувачки третман е темелна вредност за демократското општество. Тоа важи без оглед на сè, и кога се работи за третман на терорист и убиец“, рекла судијата Хелен Анденаес Секулич во својата пресуда.

Меѓутоа, во пресудата се наведува дека Норвешка не го пркршила правото на Брејвик на приватен и семеен живот. Брејвик се наоѓа во затвор откако во 2011 година со огнено оружје и автомобил – бомба уби 77 луѓе, пренесува агенцијата.

Тој десничарски екстремист на сослушувањето во март, по повод неговата тужба, тврдел дека неговиот престој во самица претставува кршење на Европската конвенција за човекови права.

Меѓутоа, норвешкото јавно обвинителство тврдело дека изолацијата на Брејвик е неопходна бидејќи тој е „екстремно опасен“ и дека условите во кои престојува во затворот се „далеку над границите од она што е прифатливо“ во согласност со Европската конвенција за човекови права.

37-годишниот осуденик тврди дека „веќе пет години се обидуваат да го убијат“ држејќи го во изолација која тој ја доживува како тортура. Брејвик на располагање има три ќелии: една за живот, друга за учење и трета за физички вежби. на располагање има и велосипед за вежбање, конзола за видео – игри, книги, весници, а дозволено му е и учество на затворските прослави на празници.