Friday, Apr 26, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаИлија Јованов: Борба за здрава животна средина е исто што и борба за човекови права!

Илија Јованов: Борба за здрава животна средина е исто што и борба за човекови права!

Светскиот ден на животната средина е креиран од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година, на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се прославува започнувајќи од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.

Поаѓајќи од значењето на животната средина, во член 8 од македонскиот Устав, животната средина е поставена како вредност и право кое мора да се заштитува и унапредува. Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелна вредност на македонскиот уставен поредок.

Членот 43, пак, од македонскиот Устав пропишува дека: „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.

Покрај уставните определби за здрава животна средина, во македонскиот правен поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина. Дел од нив се: Законот за животната средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за заштита од бучава во животната средина, Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, Законот за управување со отпадот и др.

Од досега наведеното, увидовме дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право. Воедно, загадувањето на животната средина и природата е кривично дело во македонскиот правен поредок. Ова значи дека животната средина ужива и кривично-правна заштита.

Правото на чиста и здрава животна средина претставува фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобар живот и поквалитетно здравје на сите граѓани. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да ги унапредува и штити животната средина и природата.

Најчесто, во уставно-правната литература се сретнува поделба на човековите права во три групи, односно генерации. Првата група, односно генерација на човековите права ги инкорпорира основните слободи, основни човекови права и политичките слободи. Во втората група, односно генерација на човекови права се класифицирани економските, социјалните и културните права. Во третата група, односно генерација на човекови права спаѓаат правото на здрава животна средина, правото за развој, правото за мир и правото на уживање од наследството на заедничките цивилизациски вредности. Оваа трета генерација на човековите права во себе ги инкорпорира еколошките права на човекот. Она што е битно да се напомене е дека истите овие права, како општо признати човекови права, започнуваат да се вградуваат во уставите на многу држави во светот.

Да преминеме на практичниот елемент. Според податоците на Светска банка, аерозагадувањето во Македонија убива околу 1.350 луѓе годишно. Овие податоци покажуваат дека децата се најосетлива група на удар на аерозагадувањето, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото.

Можам да констатирам дека за заштита на животната средина не се посветува должно внимание, како од страна на институциите на системот, така и од страна на самите граѓани. Воедно, преовладува мислењето дека е ниска свеста кај граѓаните за искористување на правните механизми при повреда на правото на здрава животна средина. Ова во голем дел се должи и на неинформираноста на граѓаните за правните механизми коишто им стојат на располагање.

Светол пример за иницирање на судска постапка поради повреда на уставно загарантираното право на здрава животна средина, но и на други права претставува примерот со Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кое во месец јули 2019 година, поради континуираното аерозагадување, поднесе тужба пред Основниот граѓански суд во Скопје против Владата на Р. С. Македонија, Министерството за животна средина и Градот Скопје за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, правото на приватност на личен и семеен живот и правото на неповредливоста на домот со барање за преземање на мерки.

Сметам дека едукацијата за заштита на човековата средина треба да започне од најрана возраст со што би се овозможило развивање на свеста за значењето на овие права. Подигнување на свеста кај граѓаните е потребна за да можат истите поефективно да го остварат своето уставно право на здрава животна средина.

Кои мерки се неопходни за подобрување на состојбите?

Сметам дека е потребно ревидирање на националните законски и подзаконски акти со цел постигнување на хармонизација на македонското право со легислатива на ЕУ, на пример, со Ambient Air Quality (AAQ) Directives (Directives 2008/50/EC and 2004/107/EC); воспоставување на национален систем на непречена размена на информации и податоци, воведување на санкции на централно и локално ниво поради неусогласеност со целите и политиките за квалитетот на воздухот, обезбедување на неопходен буџет за работење на мерните страници, како и преземање на други неопходни мерки за подобрување на квалитетот на амбиентиот воздух.

На крај можам да упатам препорака дека кога станува збор за заштита на животната средина неопходна е поголема координација и соработка помеѓу централната и локалната власт, од причина што алармантно лошата состојба во оваа област бара многу поголем ангажман и посветеност на сите засегнати институции, а особено на инспекциските служби.

Автор: м-р Илија Јованов