Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаФокус: „Рамстор“ го тужи „Скопски пазар“, бара 100 илјади евра

Фокус: „Рамстор“ го тужи „Скопски пазар“, бара 100 илјади евра

За јуни е закажан стартот за судскиот процес во кој „Рамстор“ го тужи „Скопски пазар“ за неоснован прекин на преговори за преземање на маркетите на македонската од страна на турската компанија. Со тужбата, како што пренесуваат судски извори, инвеститорот од Турција бара 100 илјади евра отштета затоа што смета дека му е нарушен угледот, но му е причинета и материјална штета од неколкумесечните преговори.

Раководството на „Рамстор“ во Скопје не сака да зборува за случајот и очекува судот да постапи согласно фактичката состојба, а истиот став го дели и адвокатската канцеларија „Пепељуговски“ која ќе ја застапува компанијата во судскиот процес.

Зошто „Рамстор“ се одлучил да тужи, кога право на „Скопски пазар“ е кому ќе ги продаде маркетите? Во тужбата, пренесуваат судските извори, се наведува што практично презела компанијата „Рамстор“ во текот на неколкуте месеци додека траеле преговорите. Прво, сериозноста на инвеститорот била очигледна затоа што во Скопје бил дојден вториот човек во турската фирма да ги води преговорите. Потоа, биле формирани тимови кои правеле секаков вид проценки – стручна анализа за економската оправданост од купувањето на маркетите; тим за проверка на опремата која требало да се купи заедно со маркетите; стручна проверка на стоките останати како залихи во магацините, кои исто така требало да се откупат; дефинирање стратегија како да се преземат вработените од СП во „Рамстор“; проверка на машините на СП; правење на пописна листа на целиот инвентар. Со еден збор, целосно испитување на пазарната исплатливост на зделката.

Со оглед на тоа колкумина биле ангажирани, сумата од 100 илјади евра и не изгледа толку голема. „Рамстор“ едноставно сака да си ги поврати парите од направените трошоци. Нивната огорченост најверојатно е зголемена ако се знае дека СП, откако ги напуштил преговорите со „Рамстор“, за само неколку дена потпишал договор со други две фирми, „Кит-го“ и „Зур“, кои ги купиле маркетите и ги презеле вработените, со што се остава впечаток дека СП паралелно преговарал на два фронта и билдал цена, што во „Рамстор“ сигурно го доживуваат како неетички и некоректен бизнис потег.

СП се доведе во ситуација да продава и да издава имот откако целиот сектор за трговија му пропадна, а компанијата западна во долгови. Според финансиските и ревизорските извештаи фирмата должи девет милиони евра кон банките и пет милиони евра кон добавувачите. Освен оваа тужба, на раководството на СП, предводено од Сашо Давитковски, над глава им виси и кривична пријава која набрзо може да премине во обвинителен акт. Со тој процес е можно да се стави крај на чудните финансиски потези во „Скопски пазар“ и формирање нов мнозински пакет од страна на другите акционери.

Од Скопски Пазар засега не коментираат.