Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПанчевски ги тужи Јанева и судијката Попова

Панчевски ги тужи Јанева и судијката Попова

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, судијата Владимир Панчевски, поднесе кривична пријава против специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и против претседателката на Основниот суд во Гевгелија, Злата Попова.

Панчевски во пријавата ги товари Јанева и Попова дека по претходен договор ги пречекориле своите службени овластувања и го прекршиле законот со издавањето и со спроведувањето на наредбата за претрес на стан во Скопје, во врска со предистражна постапка што ја води Специјалното јавно обвинителство.

Панчевски во кривичната пријава наведува дека Јанева ја повредила тајноста на предистражната постапка и „јавно“ извршила претрес, истражно дејство, кое, како што стои во пријавата, за да биде спроведено, мора претходно да биде донесена наредба за почнување на истражна постапка.

Претседателката на гевгелискиот Основен суд, Злата Попова, според Панчевски, незаконски издала налог за претрес на неговиот дом, бидејќи, како што се наведува во пријавата, гевгелискиот суд не бил надлежен за кривичните дела за кои се однесува налогот за претрес. Панчевски наведува и дека Попова не смеела да издаде таков налог, бидејќи не е судија на претходна постапка, туку работи како граѓански судија и претседател на Основниот суд Гевгелија.

Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд во пријавата тврди дека при претресот му била нанесена материјална штета, односно незаконски му биле одземени повеќе електронски апарати и други предмети во вредност од околу 300.000 денари (околу 5.000 евра), а му бил, како што вели, украден и клучот од станот.