Tuesday, Apr 30, 2024
HomeИздвојувамеПОЗИТИВ ИНТЕРВЈУ: Париските случувања низ сведоштвото на Оливера Димеска, професор во универзитетот „Рене Декарт“ во Париз

ПОЗИТИВ ИНТЕРВЈУ: Париските случувања низ сведоштвото на Оливера Димеска, професор во универзитетот „Рене Декарт“ во Париз

По вчерашните терористички напади во Париз, ситуацијата полека се враќа во нормала. Низ градот се појавува одредена раздвиженост, иако, како што велат, не стравуваат од нови напади, сепак надлежните внимателни.


Оливера Димеска

Оливера Димеска, универзитетски професор во Париз, Франција

Оливера Димеска, Македонка која живее и работи како професор по француски јазик на магистерски студии на парискиот универзитет „Рене Декарт – Париз 5“, ексклузивно за „Поизтив.МК“ од прва рака ни раскажа за случувањата од изминатово деноноќие. Таа во моментот на нападите, за среќа, била на пат кон дома но детонациите од експлозиите и пукањата се слушале скоро низ целиот град.

Н.С: Вчерашните настани го обвија „градот на светлината“ во мрак, каде се наоѓавте кога се случија нападите, подоцна категоризирани како напад на човештвото?

Оливера: Во текот на измината вечер, немилите случувања ме затекнаа во јавниот превоз, на пат кон дома од вечерното излегување, во еден париски ресторан лоциран во 14-тиот париски арондисман. Пропатно се слушнаа некои далечни детонации, но претпоставив дека можеби станува збор за прослава со огномет или слични реквизити. Во ниту еден момент не претпоставив дека нешто толку страшно се случува на околу десетина километри од мојата локација. Беше тоа, впрочем, сосема нормална петочна вечера со пријателите, ништо невообичаено.

Н.С: Од каде дознавте што всушност се случува, опишете ни го моментот на нападите, каква беше вашата реакција кога слушнавте за вистинскиот хорор во вашиот град?

Оливера: За среќа, не бев во близина на локациите каде што се одвиваа нападите. Дознав што навистина се случува дури по 22 часот од овдешните медиуми. Се зборуваше за некаква бомба на некој стадион, но … зафатена со секојдневните обврски не обрнав премногу внимание. Дури кога го видов обраќањето на Претседателот кон својот народ, го појачав тонот на приемникот. Веднаш потоа беа воведени итни мерки за безбедност, по полноќ новинарите почнаа да известуваат поинтензивно, а се зборуваше дека постојат повеќе симултани напади, дури тогаш се почуствува сериозноста на ситуацијата.


rozi pariz


Н.С: Велите сте се информирале од медиумите, како изгледаше информирањето за овие настани, дали се поврзуваат терористите со бранот на мигранти и бегалци?

Оливера: Како што можам да заклучам, медиумите изнесуваат само проверени информации од надлежните лица. Нема шпекулации, претпоставки или пласирани информации. Се шири една атмосфера на смиреност. Новинарите се на улица и ги пренесуваат сведоштвата на преживеаните, на соседите, на обичните жители. Вкупната емотивна слика е многу јасна. Франција е во жалост. Имаше многу луѓе кои си ги бараа децата по болниците и во полицијата. Како што информираат медиумите, се вели дека „Исламската Држава“ ја презема одговорноста за нападите и дека се трага по нивните соработници во земјата и соседството. Инофрмираат за појачани патни контроли. Сликата секако не е пријатна.



Н.С: Дали се стравува од нови напади, по најновата видео закана од ИСИС?

Оливера: Немам впечаток дека се шири страв. Напротив, надлежните шират пораки на смиреност и внимателност.

Н.С: Дали се чувствувате безбедно, како е да се биде жител на Париз на ден по нападите?

Оливера: Секако дека мојата првична реакција беше да си поставам одредени прашања поврзани со личната безбедност, токму затоа го откажав присуството на важна меѓународна средба за работен проект. Подоцна, целиот настан беше откажан. Но, од попладнево гледам луѓе по улиците, повторно се појавува одредена раздвиженост. На телевизиите се емитуваат кадри од жители кои полагаат цвеќе, палат свеќи, пишуваат пораки за мир. Можам да забележам дека јасно искажуваат дека не се плашат. Сепак човечката разумност налага дека нема причина да се живее во страв.


Автор: Никола Станков

Забрането е користење, копирање и превземање на содржините без согласност на редакцијата на pozitiv.mk или авторот, како и без приложување на соодветен линк и наведување на извор.