Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаВо Охрид, Дојран, Берово се бара место повеќе

Во Охрид, Дојран, Берово се бара место повеќе

Македонските граѓани максимално ќе ги искористат слободните денови кои ги носат Велигденските празници, па така тие кои не отпатуваа во соседните земји или некаде подалеку ќе ги наполнат домашните туристички капацитети во Дојран, Охрид, Берово и останатите места. Хотелиерите и угостителите исто така имаат големи причини за задоволство бидејќи има многу туристи од странство со што веруваат дека е добар знак за претстојната летна сезона.

Причина за зголемената посетеност е и совпаѓањето на празникот кај православните и католичките христијани.

На терасите во охридските кафулиња и рестораните е преполно и поради убавото време, а голема гужва, вообичаено, има и за паркирање на возилата. Иако нема конкретни податоци за бројот гости бидејќи не се сите хотелски капацитети отворени во ова време од годината, сепак оние што работат се со солидна посетеност, околу 80 проценти.

dojran

Капацитетите во Дојран, како што информира Туристичкото биро, се целосно пополнети, и приватните и комерцијалните. Проценката е дека има преку 10.000 туристи, повеќето домашни. Има туристи и од странство, помалку од Србија, а многу повеќе од Грција кои доаѓаат на еден ден. Градот е подготвен за приливот на гости, рестораните и кафулињата се погрижија да им организираат забави и журки на плажа во вечерните часови.

За велигденските празници полно е и Берово. Според туристичките работници, зафатени се сите сместувачки капацитети, а најбројни се гостите од Македонија и Бугарија. Резревациите за Велигден се направени уште пред еден месец. Туристичкиот пакет на Малешевијата е исполнет со многу традиција, домашна малешевска храна, прошетки, велосипедски и пешачки тури, посета на бачилото Клепало, но и на историски знаменитости.

Резервациите за туристичките центри се во тек и за првомајските празници.