Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРеформата на УБК е во почетна фаза, соопшти Спасовски

Реформата на УБК е во почетна фаза, соопшти Спасовски

„Во почетна фаза е реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) преку која ќе се гарантира дека Управата ќе го врати својот углед на професионална и реномирана служба. Основни цели на оваа реформа се професионалност, департизација и транспарентност“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при денешниот отчет за стоте дена на функцијата.

Во однос на работата на УБК, министерот за внатрешни работи при денешниот отчет наведе дека ќе се засили собранискиот надзор над следењето на комуникациите, но и дека ќе се усвојат нови механизми за цивилна и експертска контрола.

– Политичката криза во Република Македонија почна со објавувањето на скандалот со прислушувањето. Масовната злоупотреба на системите за следење на комуникациите предизвикаа криза која сериозно го наруши угледот на безбедносните служби, но и се откри контролираното управување од еден центар на моќ. Во изминатиот период почната е реформа на системот за следење на комуникациите така што, пред сè, ќе се гарантира независна и експертска контрола, која ќе се спроведе преку зајакнување на капацитетите за собраниски надзор, но и воспоставување нови механизми за цивилна и експертска контрола – рече Спасовски.

Министерот нагласува дека со реформата се предвидува отстранување на посредничката улога на Управата за безбедност и контраразузнавање и елиминирање на секоја можна злоупотреба.

– Концептот на реформата е воден од препораките на групата експерти предводена од Прибе, а земени се предвид и извештаите на релевантните меѓународни организации. Следен чекор е до крајот на годината да бидат поднесени предлозите на законските решенија, со обврска во нивната изработка да се вклучат и преставници на Собранието, граѓанското општество и на академската јавност – рече Спасовски.