Saturday, Apr 27, 2024
HomeИздвојувамеМакедонирај – благородна мисија со силна порака

Македонирај – благородна мисија со силна порака

Човековиот живот се одвива во две неизбежни и меѓусебно поврзани димензии: просторот и времето, а смислата пак на животот доаѓа од достигнувањата на нашето делување. Оттаму, квалитетот или колку добро ќе го живееме мигот на времето зависи и од тоа колку ќе го спознаеме просторот за да можеме да го искористуваме и во него да уживаме.
bzovik
Мостот кај Бзовик

Поаѓајќи од сознанието дека сме млади полни со сила и идеи и живееме на прекрасниот простор на Македонија се поттикнавме да делуваме. Да ја истражиме секоја педа и да уживаме во секое катче, да се запознаеме, помогнеме и другаруваме со што повеќе луѓе од нашиот народ и сограѓани со кои сме како едно семејство, да ги споделиме сите сознанија, позитивни побуди и енергија.
cepleski vodopad na mokra Jakupica
Чеплески водопад на Мокра (Јакупица)

Македонија, земјата во која живееме изобилува со навистина извонредни и преубави знаменитости и реткости како што се прекрасните природни убавини, бистри езера и реки, високи планини, зелени гори и снежно бели врвови кои во најтесна заемна врска и содејство со добрината, питомоста, достливоста и секогаш ведриот дух на македонските луѓе од кои пак произлегуваат обичаите, традициите, песните, ората и носиите, но и славната историја, јуначките борби, битки, подеми и падови, копнежите за слобода се оние нешта кои ни нудат бескрајни можности за уживање, себеостварување и воздигнување.

 

 

 

korabski vodopad
Корабски водопад

Токму истражувањето, придонесувањето и уживањето во сѐ она по што е единствена Македонија, ги изродија идеата, чувството и желбата за собирање во неформалното другарство наречено Единствена Македонија со кое како млади луѓе постојано уживаме во нашата младост дружејќи се, шетајќи, истражувајќи, помагајќи и движејќи се помеѓу луѓето и природните убавини на Македонија. По сопствената нескротлива желба за придонес и помагање и со своите и вашите скромни средствa ги започнавме добротворните акции „Воз на солидарноста“ и „Велодарност“ кои досега ги посетија Пелагонија, Скопско, Велешко, Мариово, Прилепско и во иднина преку спортско-рекреативниот, дружељубивиот и добротворен карактер ќе продолжат насекаде каде што е потребно низ Македонија.
voz
velodarnost2
Воз на солидарноста

Сите наши прошетки со бесплатниот железнички превоз секој трет викенд во месецот и во иднина во уште поголем обем и со вашето ценето присуство ќе продолжат во досегашниот облик: шетање, дружење, истражување, спријателување и нови познанства, вкусување на извонредните плодовите на Македонија, оставање на збирки на податоци за географијата, историјата, населението, природата во планинарските домови, училиштата, манастирите низ пределите во Македонија, подарување на разновидни средства во поддршка и помош на нашите сограѓани со кои сме дел од едно семејство…

Велодарност
velodarnostvelodarnost1

Накратко и едноставно речено, секој е поканет и добредојден да се приклучи во сите овие нешта кои нам ни причинуваат задоволство и уживање во Македонија. Затоа што МАКЕДОНИЈА е вистински РАЈ на природните убавини, зашто на секој што е во МАКА треба да му се подаде рака и ДОНИРА, затоа што на убавината на младоста и уживањето во Македонија им нема крај, затоа дојди уште сега и МАКЕДОНИРАЈ!

velodarnost5