Sunday, May 28, 2017
HomeДЕНЕШНАЕкономијаКатастрофални градежни плочи откриени во Европа – Материјалите ги има и во Македонија

Катастрофални градежни плочи откриени во Европа – Материјалите ги има и во Македонија

Во Македонија и натаму се продаваат магнезитните градежни плочи, кои се вградуваат и во најголемите проекти иако судот во Данска донесе забрана за нивна употреба откако штетите достигнаа 100 милиони евра.

Станува збор за т.н. лесни градежни плочи увезени од Кина, рекламирани како евтина зелена алтернатива, на квалитетните градежни сувомонтажни плочи, водоотпорни, отпорни на мувла и на удар. Се нудат како трајни и евтини решенија за заштита од ветер, ниски температури и бука.

Проблемот доаѓа поради катастрофалното својство на плочите (кои иако треба да бидат  водоотпорни) впиваат влага и по целосното заситување лачат раствор од магнезитни соли, кои ја нагризуваат конструкцијата што ги носи.

gradeznik

По откривањето на скандалот со магнезитните плочи кај соседите, шведската „Асоцијација на сопственици на домови” плати истражување водено од Олоф Мундт-Петерсен, кое покажа дека од 2009-та година, само еден увозник продал повеќе од  10 до 15 илјади квадрати од магнезитните плочи. Во Данска овие плочи се на пазарот од 2010 година и просечно биле вградувани по 100 илјади м² месечно.

„Плочите, при допир со влага, стануваат леплива маса слична на желатин, која ја губи целата носивост”, вели Мундт-Петерсен. Магнезиум хлоридот што излегува од влажните плочи ја нагризува конструкцијата и врзивните штрафови и затоа не смеат да се користат на позиции каде има влага.

По судската забрана во Данска покренати се стотици судски спорови, кои државата ги решава групно и ги обесштетува преку осигурителните компании кои биле ангажирани на објектите.

За овој скандал прв се огласи еминентниот дански магазин “Ingeniøren”, по многуте тужби од семејствата против инвеститорите на објектите во кои живеат. Во нивните станови се појавила мувла, за првпат забележена во пролетта 2014. Сопствениците на преку 20.000 станови побарале отштета.

За недостатоците на овие плочи во 2010-та известии водечкиот градежен магазин во Шведска, “Byggindustrin” по испитувањето на Техничкиот Универзитет во Лунд, кое ги покажа катастрофалните својства на панелите на тестовите во влажни услови.

Врз база на сите овие испитувања и нивните заклучоци, магнезитните плочи го изгубија „Лебедовиот печат”, кој на скандинавските пазари го добиваат материјалите со докажан квалитет.

– Не се сеќавам на поголем скандал од овој. Без сомнеж ќе има големи последици за објектите во кои се вградени овие плочи. Корозијата може да сруши и цел објект, вели претседателот на данската Инженерска асоцијација, Хенрик Гарвер.

Македонскиот пазар ги нуди овие плочи последниве година – две и веќе се употребени на неколку објекти меѓу кои и во најголемите проекти низ земјава. Ќе не „изненади” ли и нас вакво нешто?