Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗасега нема приговори до ДИК – рокот истекува во 19 часот

Засега нема приговори до ДИК – рокот истекува во 19 часот

Во 19 часот денеска истекува рокот за поднесување приговори за процесот на гласањето до Државната изборна комисија (ДИК), а на полноќ ќе заврши и рокот за поднесување приговори за првичните резултати од локалните избори што се одржаа во неделата, на 15 октомври.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, за „Мета“ вели дека досега ниту една политичка партија нема поднесено приговори.

Рокот за поднесување приговори што се однесуваат на текот на гласањето од 7 до 19 часот истекуваат денеска во 19 часот, а рокот за поднесување приговори што се однесуваат на постапката за сумирање и за утврдување на резултатите истекува вечерва на полноќ.

Откако ДИК ќе одговори, партиите и кандидатите ќе имаат можност да поднесат тужби до Управниот суд, а откако ќе се расчисти секоја таква ситуација, ќе бидат соопштени конечните резултати.

Приговорите се поднесуваат најмногу 48 часа од завршувањето на гласањето, односно од првото соопштување на прелиминарните резултати од гласањето, а ДИК е должна да донесе одлука по приговорот во рок од 48 часа по приемот. Тужбите до Управен суд, пак, се поднесуваат 24 часа од приемот на одлуката на судот, а Управен суд е должен да донесе одлука 48 часа откако е примена тужбата.

– Точен број каде изборите завршиле во прв круг може да соопштиме кога резултатите ќе станат конечни, односно кога ќе заврши постапката за одлучувања по приговори и по тужби. Подносителите на листи имаат право и на судска заштита, односно да поднесат тужба до Управниот суд. Откако ќе заврши целата таа постапка, можеме да ги објавиме конечните резултати и тогаш ќе имаме точна претстава во колку избирачки места изборите завршиле во прв круг, а во колку општини ќе има втор круг – објасни претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на вчерашната прес-конференција.

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.