Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионАмбасадите на Јапонија и Саудиска Арабија во Сараево под закана од ИД

Амбасадите на Јапонија и Саудиска Арабија во Сараево под закана од ИД

Властите во Босна и Херцеговина под засилени мерки за безбедност ги ставија амбасадите и резиденциите на Јапонија и Саудиска Арабија, кои се најдоа под директна закана од напади од членови на џихадистичката група Исламска држава, информира весникот „Независне новине“.

Информацијата на весникот е потврдена од Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи на Бих и од јапонската амбасада.

-Точно е дека добивме барање за засилување на безбедносните мерки на резиденциите и амбасадите на Јапонија и Саудиска Арабија по информациите за можни напади од Исламска држава врз дипломатските мисии на овие држави во Босна и Херцеговина. Вербалните ноти беа испратени преку Министерството за надворешни работи, за весникот изјави Мирсад Вилиќ, директор на дирекцијата за координација на полицските органи во земјата.

Дека заканата не е безопасна се потврдува и од фактот дека дипломатските претставништва на овие држави се означени како цели за напади во електронскиот весник „Дабик” (Dabiq) на Исламска држава, преку кој терористичката организација ја шири својата пропаганда и собира нови членови.

Јапонскиот шеф на дипломатијата Фумио Кишида за западните медиуми изјави дека неговото министерство веќе ги испратило инструкциите до јапонските дипломатски мисии во Босна и Херцеговина, Малезија и Индонезија, кои се набележени како можни цели за напади од страна на Исламска држава.

Вилиќ изјави дека засега нема информации за други потенцијали цели на терористите во Босна и Херцеговина, но самиот факт дека како цели се набележени амбасадите во Босна и Херцеговина, зборува за можното присуство во земјата на членови на Исламска држава, забележуваат „Независне новине“.