Wednesday, Jan 22, 2020
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ: Владата итно да го намири долгот на МРТ за не бидеме отсечени од ЕБУ

ЗНМ: Владата итно да го намири долгот на МРТ за не бидеме отсечени од ЕБУ

mtv

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја повика Владата итно, во најкус можен рок, да обезбеди пари за намирување на долгот што Македонската „радио-телевизија“ (МРТ) го има кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), кој изнесува околу половина милион евра.

Програмскиот совет на МРТ на вчерашната седница донесе заклучок со кој побара од Владата да го намири долгот на МРТ кон Европската радиодифузна унија.

На овој начин, велат од ЗНМ, ќе се отстрани опасноста МРТ да биде отсечена од европското радиодифузно семејство, што би било голем чекор назад во процесот на европските интеграции, со кој дополнително се нарушува имиџот на државата.

„Ненамирувањето на долгот значи дека МРТ нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Во моментов, според информациите од централата на ЕБУ, МРТ нема пристап до содржините што се емитуваат преку нивните сервиси“, стои во соопштението на ЗНМ.

Реакцијата на ЕБУ, според ЗНМ, е последица на повеќегодишно недомаќинско работење на јавниот сервис, за што одговорните треба да поднесат одговорност.

„Исклучувањето на МРТ од ЕБУ е резултат на нефункционалниот модел на финансирање на јавниот сервис и на лошиот менаџмент“, велат од Здружението на новинарите на Македонија.