Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаладуваат односите Скопје – Белград, првиот српски дипломат со остар тон кон Македонија!

Заладуваат односите Скопје – Белград, првиот српски дипломат со остар тон кон Македонија!

По објавата за поставени табли со ознаки БЈРМ на Коридорот 10, кај Владичин Хан, што поминува низ Србија и реакцијата на официјално Скопје во однос на поставувањето, се огласи и српската дипломатија. Првиот дипломат, Ивица Дачиќ, во денешната изјава за медиумите со остри тонови кон Македонија најави дека отстранувањето на таблите нема да се случи и покрај барањата од властите на Македонија.

Тој, како оправдание за оваа постапка, искористи една компарација со која поставувањето на натписите БЈРМ го спореди со гласањето на Македонија ЗА влез на Косово во УНЕСКО.

„На нив сега им пречи таа табла, а нам не треба да ни пречи тоа што во Унеско гласаа за прием на Косово?“, праша Дачиќ.

Српскиот министер за надворешни работи истакна дека овие аргументи биле презентирани и од амбасадорката на Србија во Скопје, за време на средбата во македонското министерство за надворешни работи, каде ѝ бил пренесен устен демарш поради поставувањето на таблата.

Министерството го образложило своето барање со тоа што Србија, иако Македонија во Обединетите нации се води под ознаката „ПЈРМ“ (FYROM), ја призна под уставното име Република Македонија.

Сепак Дачиќ во крајно острата изјава вели дека Македонија неколку пати „работела против сопствените интереси“, алудирајќи на признавањето на Косово и гласањето за приклучување во УНЕСКО.

„Крајно време е да престанеме да работиме против сопствените интереси. Точно е дека Србија ја признава Македонија под тоа име, за разлика од европските држави, но тоа е направено уште под Милошевиќ, во деведесеттите години. А Македонија ја призна независноста на Косово, а сега им пречи некаков натпис. Несфатливо е што поголем пријател ни е една Индонезија, отколку некои соседни држави“, истакна Дачиќ.

Засега од македонското МНР не соопштуваат повеќе детали.
Дали и колку ваквата изјава на Дачиќ ќе влијае врз добрососедските односи, но и дали следува период на заладување на односите со официјален Белград, останува времето да покаже.


Н.С