Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев не се појави на рочиште – судењето за „Пуч“ одложено

Заев не се појави на рочиште – судењето за „Пуч“ одложено

Судењето во случајот „Пуч“ денеска беше повторно одложено, поради отсуство на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Следното рочиште е закажано за 7 септември.

Адвокатите на одбраната побараа судењето да биде одложено на подолг рок, бидејќи има постигнато политички договор случајот да го води специјален обвинител, но на тоа судијката Љубинка Башеска реплицираше дека не ја интересираат политичките околности, бидејќи за случајот се уште има луѓе во притвор и затоа бараше судењето да биде закажано на пократок рок.

Таа констатираше дека Заев е неоправдано отсутен од процесот, бидејќи нема никакви сознанија за тоа зошто не се појавил пред Судот. Заев уште претходно изјави дека не го признава судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката, која му беше определена, редовно да се јавува во Судот.

Освен Заев кој е четвртообвинет во случајот „Пуч“, двајца обвинетите, Бранко Палифров и Соња Верушевска, неодамна беа пуштени да се бранат од слобода. А првообвинет е Зоран Верушевски. Во меѓувреме, Верушевски беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом. Тие се осомничени за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.