Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШто крие Заев од јавноста за односите со Бугарија?

Што крие Заев од јавноста за односите со Бугарија?

Денеска стана кристално јасно дека старо-новиот премиер Зоран Заев крие нешто од јавноста за односите со Бугарија. Неговата вербална еквилибристика ни отвара нови недоумици и таа не може да се затскрие зад дневно-политичките пресметки со неговиот опозициски опонент од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Зашто, Заев едноставно не може да го поистовети Мицкоски со јавноста. Он може да мисли што сака за него и да го обвинува и клевети за сѐ и сешто, па и за ланскиот снег, за ситни дневно-политички поени, но јавноста мора да знае што се крие зад неговите изјави, кои се претвораат во чиста дневно-политичка перверзија. На крајот на краиштата, Мицкоски не ја донесе минатогодишната одлука во бугарското Народно собрание, ниту го испрати до земјите-членки на ЕУ објаснувачкиот меморандум, ниту, пак, беше на разговори во Софија со бугарскиот премиер Бојко Борисов и вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

По денешниот настап во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, премиерот Заев излезе со, најблаго речено, контрадикторни изјави.

Прво, околу првата порака, што на извесен начин значеше и повторување на истата по враќањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи од првата официјална посета на Софија. Само сега „збогатена“ со тоа дека Бугарија не барала промени на Уставот или нов договор.

– Бугарија е земја членка на ЕУ, сите членки во декември треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција. Ние имаме одличен извештај, охрабрени сме од инфраструктурно-економскиот фонд на ЕУ насочен кон Западен Балкан од 9 милијарди евра. Сето тоа е една убава иднина пред нас. Верувам дека Бугарија која беше најголем поддржувач ќе продолжи тоа да биде и во иднина. Во сите свои изјави и наративи тоа го потврдува. Јас верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи тогаш, треба да се знае дека се бара од нашата страна нешто што ние никако ниту смееме да разговараме ниту би сакале да го прифатиме, изјави Заев.

Заев и остана должен на јавноста, не на Мицкоски, отворено да каже, што е тоа што Бугарија бара за да може да дојде до тоа нашата страна никако да не смее да разговара, ниту да прифати?! И кој го изнел тоа пред министерот Османи-Борисов или Захариева?! Судејќи според неговата прва изјава, тоа што сега го крие како ѓавол од крст дошло од устата на Захариева, зашто пред некоја недела сакаше да верува дека истото не го мисли и, како што рече, неговиот пријател и брат Борисов.

Натаму, носењето некаква декларација за реафирмација на ставовите од Договорот за добрососедство беше споменато уште од известувачите од Софија. И за можност за носење таква декларација говореше и претседателот Стево Пендаровски во неговиот последен настап на „Топ тема“. Значи, такво размислување сепак постои.

Какво фајде од тоа ако дојде до блокада на почетокот на првата меѓувладина конференција и премиерот Заев тогаш ни каже, што Бугарија барала од нас?

Втората порака, што денеска ја испрати Заев е дека пријателите и браќата недвосмислено го потврдуваат фактот на постоење на македонскиот јазик и народ, и тоа не смее да биде доведено во прашање.

– Нема народи и држави што признаваат или не признаваат идентитети. Тоа е чувство, право на определба и голема европска вредност. Јас очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и народ, затоа што пријателите, браќата го прават тоа, и не треба тоа да биде доведено во прашање. Како што слушам во изјавите на Борисов и другите, тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот јазик и народ и сакаат да дебатираат за заедничкиот и посебниот дел од историјата. Но, во духот на пријателството, верувам дека може да се изнајдат решенија, изјави Заев.

И по ова некој треба да е луд и збунет, ама, нели, никако премиерот Заев! Па не е спорно дека Захариева ја призна „современата реалност“, што подразбира прифаќање на постоење на Република Македонија. Спорно е што во замена за тоа Захариева побара Македонија да ја признае „историската вистина и реалност“, односно постоење на Македонците како „млада нација“ и на македонскиот јазик од 1944 година.

А, за тоа Заев не изусти ни збор, вешто криејќи се зад голи фрази. Дали тој ги прифаќа Бугарите како пријатели или браќа е негова работа. И лошо слуша, што секојдневно доаѓа од Бугарија. Треба ли да се споменат вицепремиерот Красимир Каракачанов или европратениците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски?

И од кога тоа „Борисов и другите“ сакаат да дебатираат за „заедничкиот и посебниот дел од историјата“? Па, нели Договорот вели само „заедничката историја“ и во него нема ни збор за некаков „посебен дел од историјата“! Како сега одеднаш Заев споменува таков „посебен дел од историјата“ и кој, според него, е тој дел, од кога почнува, до кога трае или сѐ уште е во тек?

Извор: pressingtv.mk