Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложено рочиштето за „Траекторија“ – Груевски не стигна на време

Одложено рочиштето за „Траекторија“ – Груевски не стигна на време

Откако судијата Горан Бошевски на самиот почеток го одложи за денеска закажаното рочиште за случајот „Траекторија“ а потоа замина и обвинетиот поранешен министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, во Основен суд Скопје 1 со задоцнување стаса и поранешниот премиер Никола Груевски.

Судијата Бошевски даде два предлога за следното продолжение на судењето – 31 јануари и 14 февруари, но не образложи зошто го одложил денешното рочиште.

На адвокатите на обвинетите Груевски, Јанакиески и поранешниот вицепремиер за економска прашања Владимир Пешевски им рече дека Специјалното јавно обвинителство ги доставило преводите на македонски на дел од доказниот материјал и ги покани од утре да дојдат во судот и да ги земат.

Како што во неформален разговор кажаа адвокатите, причина за одлагање на денешното рочиште е и тоа што судијката Верка Петковска, која е дел од судечкиот совет за дел од овој предмет, со новиот распоред на претседателот на судот, Иван Џолев, е префрлена во друг оддел, односно не е повеќе во одделот за организран криминал.

Специјалните обвинителки Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска немаа приговори за одложувањето на денешното рочиште.

Груевски, Јанакиески, Пешевски се обвинети за злоупотреба на службената положба за незаконско склучување договори за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Притоа, нанеле штета на буџетот на Република Македонија од најмалку 155 милиони евра, стои во обвинителниот акт од СЈО.