Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСолберг: Норвешка ги поддржува интеграциите на Македонија

Солберг: Норвешка ги поддржува интеграциите на Македонија

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, остварил средба со Ерна Солберг, премиерка на Кралството Норвешка. На средбата се поздравени реформските чекори на новата Влада.

„Норвешка ја поддржува Македонија во интеграциите“, му соопштила премиерката Солберг на Заев, која во демократските чекори на Владата и регионалната соработка гледа перспективи за Република Македонија. Солберг, посебно се интересирала за реформите што се прават за обезбедувањето правна држава, пренесува владината прес-служба.

„Владата на Република Македонија, во соработка со експертската и граѓанската јавност почна реформи во правосудниот систем што треба да придонесат кон независно судство. Тоа е обврска за евро-атланстките интеграции, но ќе придонесе многу и во нашата држава, во враќање на довербата кај граѓаните дека правдата е можна и е достапна на сите, и ние сме подготвени тоа да го овозможиме“, споделил Заев.

Претседателот на Владата соопштил дека реформите во правосудството се една од активностите од Планот на Владата за усогласување со европските стандарди и обезбедување квалитетен живот за граѓаните. Тој рекол дека Македонија од земја во изолација станала земја предводник на иницијативите за добрососедска, регионална и меѓународна соработка и очекувањата се дека таквите политики ќе ги отворат вратите на Република Македонија кон стратешките цели, НАТО и ЕУ.

Норвешката премиерка ги оценила како важни заложбите на Македонија за продлабочување на односите меѓу земјите во регионот.

„Норвешка е заинтересирана за случувањата на Балканот и е подготвена да придонесе кон стабилен регион“, рече Солберг, која во раководствата на Балканот гледа можност да осигураат таква иднина.

На средбата на Заев со Слоберг се разговарало и за создадените услови за интензивирање на соработката со Кралството Норвешка во области од интерес на граѓаните на државите.