Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеПриватните автобуси ќе мора да бидат црвено бели

Приватните автобуси ќе мора да бидат црвено бели

Новата одлука за линиски превоз на патниците, што неодамна ја усвои Советот на Град Скопје, ќе донесе многу новитети во автобускиот јавен превоз во метрополата и ќе ги натера приватните превозници на сериозни инвестиции во возилата доколку сакаат да добијат дозволи за превоз на патници. Освен што ќе мора возилата да ги опремат со потребната опрема за новите системи, ќе мора да ги бојадисаат црвено-бели, да ги опремат со клима-уреди и да обезбедат информации за патниците.

Од Градот велат дека работат на драфт-верзијата и штом ќе ја утврдат дефинитивната варијанта, огласот ќе биде распишан. Како што пишува Дневник, сe треба да биде завршено до 1 јануари кога одлуката ќе почне да се применува, како и двата система што моментно се имплементираат во возилата на ЈСП „Скопје“ – за автоматска локација на возилата (АОЛ) и за електронски билети.

Сите автобуси на приватните превозници што ќе конкурираат на огласот треба ја имаат потребната опрема за новите системи. Опремата за локација, односно за сателитско следење, е клучна за наплатата на превозниците затоа што од 1 јануари тие за своите услуги ќе добиваат пари од Град Скопје според изминат километар. Тие, освен опремени автобуси и кадар, за да конкурираат, ќе мора да исполнат и дополнителни услови за изгледот на возилата.

– Бојата на автобусите на ЈСП од надворешната страна е црвена, а бојата на автобусите на другите превозници од надворешната страна е црвено-бела. Возилата што го реализираат линискиот превоз на патници од надворешна страна мора на видно место да имаат обележја и ознаки за информирање на патниците, односно бројот и називот на линијата на предната и бочната страна, а на задната страна само бројот на линијата. На бочните страни треба да имаат натпис со називот и седиштето на превозникот и стилизиран грб на градот Скопје, а на предната десна и задна страна помеѓу браникот и ветробранското стакло да имаат идентификациски број. Kога возилото не врши превоз или не се примаат патници, треба да има поставена соодветна ознака: „за гаража“, „во дефект“, „пробно“ или „слободно возење“ и сл. Во внатрешноста да бидат видно истакнати ознаки за број на регистрирани места за седење, стоење и за посебна категорија патници, ознаки за влез и излез, знак за забрането пушење итн. – се вели, меѓу другото, во одлуката.

Од Град Скопје објаснуваат дека се унифицира целиот систем на јавен превоз и дека ќе има простор за приспособување на превозниците кон новата одлука.

Во одлуката е наведено дека секој автобус треба да има најмалку еден валидатор на билети на влезната врата, а ако валидаторот е неисправен, автобусот не смее да е во сообраќај. За воведување на системот за електронска наплата на билети, ЈСП на тендер го избра „Т-мобиле, преку кој набави 500 валидатори, од кои 150 се наменети за приватните превозници. Од Град Скопје велат дека овие валидатопри, освен за наплата, ќе служат и за сателитското следење на возилата.

– Периодов исто така се договара и начинот на воведувањето на системот за следење на превозниците, кој ќе функционира на истиот принцип како кај ЈСП, два система во еден уред, а начинот на набавката и инсталирањето во моментов се договара – велат од Град Скопје.

Од 1 јануари возењето ќе се наплатува според изминат километар, а неодамна Советот утврди привремена цена од 61 денар за километар, која ќе важи од 1 јануари до 1 јуни 2016 година.

– Оперативно-контролниот центар, кој ќе работи во рамките на ЈСП, ќе изготвува месечен извештај за учеството на секое возило на превозникот во реализација на единствениот возен ред, во кој се содржани податоци за изминати километри и индикаторите за квалитет на работењето. Пресметката за месечниот приход на превозникот, во согласност со изминатите километри, ќе ја изготвува ЈСП и ќе им ја доставува на другите превозници за фактурирање и наплата – се вели во одлуката.

Парите од продажбата на билетите ќе се слеваат во градската каса, а потоа ќе се распределуваат на превозниците според пресметките на ЈСП. Надзор над законитоста ќе врши градоначалникот, а инспекциски надзор овластените градски инспектори за патен сообраќај.