Tuesday, May 7, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложена Собраниската седница – разрешувањето на Зврлевски презакажани за понеденик

Одложена Собраниската седница – разрешувањето на Зврлевски презакажани за понеденик

Собранието на Република Македонија ја одложи шестата седница на чиј дневен ред се предлог-одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител, како и разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Седницата, како што информираат собраниските служби, наместо за денеска во 11 часот е презакажана за понеделник во истото време.

Координаторот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ кои беа формирани вчера, Илија Димовски, за „Мета“ изјави дека пратеничките групи се на координација за надминување на тензиите во законодавниот дом.

– Во моментот сме на координација заедно со пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ затоа што вчерашната седница заврши многу тензично. Добро е што претседателот Џафери не ја закажа новата седница и даде можност да се смират тензиите и дополнително да се договориме – изјави Димовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера ја прекина седницата откако пратеникот Димитар Стевананџија, претставувајќи се како координатор на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, побара пауза од 60 минути.

Пред завршувањето на седницата, собранискиот спикер Џафери рече дека тоа што го прават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е очигледно злоупотреба на актите и дека граѓаните лесно ќе сфатат што, всушност, се случува.

Според собранискиот деловник, координаторите на пратеничките групи имаат право на дискусија од 15 минути и да побараат процедурална забелешка уште три минути. Исто така, секој координатор на пратеничка група има право да побара еден час пауза во текот на денот.