Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОбвинителството да не подлегнува под политички притисоци, порача Груби

Обвинителството да не подлегнува под политички притисоци, порача Груби

Имавме информации дека се подготвува сценарио кое би имало за цел да и наштети на меѓуетничката кохезија во земјата и да предизвика конфликт помеѓу Албанците и Македонците, но за среќа не дозволивме такво сценарио да се реализира, изјави пратеникот на ДУи, Артан Груби, откако денеска беше повикан да даде исказ во Основното јавно обвинителство во својство на оштетен во настаните во Собранието од 27-ми април.

– Во тек на идентификувањето на напаѓачите, полицијата идентификувала лица кои ги нападнале пратениците и секој пратеник кој што бил нападнат и е оштетен е повикан од ОЈО да даде свој придонес во расветлување на случајот – рече Груби.

Тој апелира Јавното обвинителство да не подлегнува на политички притисоци и да делува, како што посочи, во согласност на законот, а луѓето кои учествуваа во толпата, според него, би требало да извлечат поука според законот за никој повеќе да не се осмели да направи такво нешто.

Запрашан како ги коментира снимките на кои се гледа како се поздравува со луѓето кои се дел од напаѓачите и дали тој конкретно бил нападнат, Груби рече:

– Ординарна глупост и шпекулација, и би требало да ви е срам да поставувате такви прашања. Според таа ваша логика и Шекеринска ја поздравува еден од напаѓачите и Зоран заев го поздравува еден од демонстрантите. Да, бев нападнат од демонстрантите и затоа сум тука, затоа што на снимките се покажува и се гледа тоа.

На новинарско прашање, каде бил претседателот на ДУИ тој ден, и зошто не бил присутен во салата, Груби вели дека тоа што се случило на 27-ми април, било со претходна иницијатива по претходно добиени информации дека нешто се спрема.

– Тоа што се случи на 27ми беше со претходна иницијатива. Заедничка проценка на господинот Ахмети и господинот Заев беше лидерот на ДУИ Али Ахмети да не биде во салата кога ќе се избере новиот претседател, господинот Талат Џафери, затоа што имавме информации дека се подготвува сценарио кое би имало за цел да и наштети на меѓуетничката кохезија во земјата и да предизвика конфликт помеѓу Албанците и Македонците, но за среќа не дозволивме такво сценарио да се реализира – рече тој.

Додаде дека е очигледно дека безбедносните служби потфрлија.

– Ние имавме информации од луѓе на кои што им веруваме во безбедносните служби и знаевме дека се спрема нешто, и очигледно беше дека имаше потфрлување, но замислете сценарио ако Али Ахмети беше во Собранието и беше нападнат на тој начин – рече Груби.

За иницијативата поднесена до Уставниот суд, со која треба да се оспори изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, Груби коментира дека не може да се оспорува волјата на мнозинството на граѓаните на Македонија и волјата на мнозинството пратеници на Собранието.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе треба час поскоро да ја прифати новата реалност и да се однесува како конструктивна опозиција во Собранието – додаде Груби.