Saturday, May 4, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионНова блокада од бегалците на автопатот Солун-Гевгелија

Нова блокада од бегалците на автопатот Солун-Гевгелија

 

Нов протест е започнат од страна на бегалците на автопатот Солун-Евзони кон македонско-грчаката граница, јавува грчката телевизија Мега. Според медиумите оклу 500 бегалци се распоредени на двете страни на автопатот и низ сите мали патчиња кои водат до Македонија, со што е блокиран пристапот на сите возила. Утрото немало никакви проблеми и нашите граѓани кои патувале кон Солун без проблем ја поминале границата, но сега за сега патот е блокиран.

Бегалците од Идомени очајно бараат да се отвори границата и да си заминат од кампот каде веќе еден месец живеат во мизерни услови. Поради протестот се создаваат колони возила и камиони од двете страни на автопатот и чекаат протестот да се расчисти за да го продолжат патот или кон границата или кон Солун. Меѓу возачите се создава и тензија поради неочекуваниот протест.

Во кампот на Идомени според официјалните бројки има 11318 луѓе. Бегалскиот бран кон кампот не стивнува,  бегалците продолжуваат да доаѓаат од Солун и околните градови кон Идомени, наводно поради информации дека границата ќе се отвори.