Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаДали транспортерите на ФЕНИ се манипулирани од Нова Логистика?

Дали транспортерите на ФЕНИ се манипулирани од Нова Логистика?

Иако се најавуваат подобри денови за ФЕНИ и започнување на производството се очекува секој момент, со што на фабриката, а пред се на вработените конечно им се насмевнува посветла иднина, според нашите извори и актуелните состојби на терен, има и такви кои очајно се обидуваат да го спречат опстојувањето на фабриката заради лични интереси.

Имено, кавадаречките транспортери повторно најавуваат блокади на комбинатот ФЕНИ, а како причина ги наведуваат ненаплатените долгови што ги имаат од фирмата НОВА Логистика, иако токму НОВА Логистика во последен момент отстапи од договорот постигнат минатиот вторни, под медијаторство на Вице Премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, со кој 70 отсто од долгот кон транспортерите требаше да биде подмирен.

Нашите извори потврдуваат дека според овој договор НОВА Логистика, фирмата која под сомнителни околности од фирма во сопственост на ФЕНИ Индустри, стана приватна сопственост на сега сопственичката Надица Кабранова-Атанасова, требало да им продаде дробилка за нафтен кокс и руда на ГСОЛ, компанијата закупец на ФЕНИ, која пак дополнително понудила авансно плаќање за транспортните услуги на кавадаречките киперџии. И покрај тврдењата што НОВА Логистика ги пласираше во јавноста и во кавадаречките кругови дека се заложува за отплаќање на долговите кон транспортерите, само еден ден подоцна, НОВА Логистика отстапила од договорот, тврдејќи дека нема да продаваат ништо. Веќе следниот ден, минатиот четврток, во јавноста стигнува нова информацијата дека дробилката за нафтен кокс всушност воопшто не е во сопственост на НОВА Логистика, туку сепак припаѓа на ФЕНИ Индустри и дека била бесправно изнесена од кругот на ФЕНИ, во октомври 2017год., пред фабриката да влезе во стечај, а со благослов на тогашното раководство. Фактот што дробилката за нафтен кокс е изнесена од ФЕНИ и се наоѓа во посед на НОВА Логистика, укажува на серозни нелегални дејствија кои најверојатно ќе бидат предмет на кривични истраги. Уште позагрижувачки е фактот што кавадаречките транспортери имале издадено налози за извршување врз дробилката, но најверојатно тие се неважечки и транспортерите нема да можат да наплатат дел од долгот преку продажба на дробилката, зашто сепак таа не е во сопственост на НОВА Логистика, а тие се измамени. Веќе следниот ден, односно вчера, дознаваме дека е покрената постапка за стечај за НОВА Логистика, со што наплатата на долговите на кавадаречките транспортери станува уште понеизвесна.

И покрај сето ова, претседателот на кавадаречките киперџии Трајко Пеовски воопшто не превзема никакви дејствија за заштита на интересите на киперџиите, напротив, по кажувањата на кавадарчани, тој е чест гостин во кафулето што е во семејна сопственост на сопственичката на НОВА Логистика, Надица Кабранова-Атанасова, заедно со претходното раководство на ФЕНИ, но и со претседателот на синдикалната организација на ФЕНИ, Ѓоре Палитов, кого вработените во фабриката одамна го обвинуваат дека всушност е продолжена рака на раководство што ја донесе фабриката на работ на банкрот.

Самите киперџии пак кажуваат најразлични верзии за тоа кој им должи, кој треба да им плати, колку и кога, што укажува на фактот дека нив им се пласираат разни дезинформации, во што впрочем можеше да се увери јавноста по аудио снимката која протече, на која Палитов заедно со Трајко Пеовски ги убедува киперџиите дека ФЕНИ, како и потенцијалниот инвеститор ГСОЛ, треба да се саботира на секој можен начин, за да се направи пат за некои други наводни инвеститори кои за нив се поподобни, со што само дополнително се потврдија изјавите на вработените дека Палитов „одработува“ нечија приватна агенда.

Сите овие информации го наметнуваат прашањето дали и претседателот на киперџиите Трајко Пеовски е длабоко навлезен во истата спрега со Палитов, НОВА Логистика и претходното раководство на ФЕНИ, и во чиј интерес работат тие, ако се земе предвид дека за голем дел од нив, Финансиска Полиција и Јавното Обвинителството за гонење организиран криминал имаат покренато кривични постапки кои се во тек.