Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАСветНајмалку 33 мртви во воздушниот напад крај Дамаск

Најмалку 33 мртви во воздушниот напад крај Дамаск

Бројот на убиени во воздушните напади во дисктриктот Деир ал-Асафир, југоисточно од Дамаск, се зголеми на 33 лица, а меѓу нив најмногу се жени и деца, објави Сирискиот центар за мониторинг на човековите права. Центарот доцна синоќа ги објави најновите податоци за жртвите, соопштувајќи дека во вчерашните напади во Деир ал-Асафир, меѓу останатите биле убиени 12 деца, девет жени, еден учител и еден припадник на спасувачките служби, пренесуваат британските медиуми.

Нападите, за кои Центарот тврди дека ги извеле сириски воени авиони, биле извршени вчера и покрај тоа што пред еден месец стапи во сила прекинот на огнот меѓу владините и опозициските сили, исклучувајќи ја Исламска држава и Фронтот Ал-Нусра, што е поврзан со Ал-Каеда.

Волонтерската спасувачка организација „Вајт хелмет“ соопшти дека нејзиниот работник Валид Гурани е убиен кога било погодено амбулантното возило во кое се наоѓал, а таа објави и фотографии за кои тврди дека ја прикажуваат уништената база на оваа организација во Деир ал-Асафир.

Американскиот Стејт департмент изрази вџашување од наводните воздушни напади. „Најостро ги осудуваме нападите од овој вид насочени против цивили“, рече портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби. Деловите од регионот на Источна Гута, каде се наоѓа Деир ал-Асафир, се надвор од контрола на сирискиот претседател Башар ал-Асад уште откако пред пет години изби бунтот, што потоа прерана во граѓанска војна.

Оваа област е под контрола на различни фракции, меѓу кои се и бунтовничките сили кои се опфатени со примирјето, како и Фронтот Ал-Нусра. Центарот тврди дека сириските владини сили се обидуваат да го опколат Деир ал-Асафир каде, како што се наведува, и натаму живеат 2.700 семејства.