Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски добија затворски притвор

Пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски добија затворски притвор

Кривичниот суд по денешниот распит, попладнево им одреди притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април. Нивните колеги, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, добија куќен притвор.

Мукоски, Арнаудов и Василевски попладнево, со полициска придружба, беа изнесени од задниот влез на Кривичниот суд и ставени во полициско комби, кое треба да ги спроведе во истражен затвор на издржување на мерката.

Од судот попладнево и официјално ги соопштија одлуките по денешниот распит на шестемина пратеници.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно изјаснување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи притвор во траење од 30 дена. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување притвор и му определи куќен притвор“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Притворените имаат право на жалба во рок од 24 часа.

Шестемина пратеници денеска дојдоа на сослушување во Кривичниот суд откако во петокот минатата недела, Собранието на пленарна седница одлучи да им го одземе имунитетот.

Од вкупно 36 осомничени за насилствата во Собранието, во притвор веќе се наоѓаат поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, организаторите на протестите од „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и уште дваесетина лица.

Обвинителството за организиран криминал и корупција сите ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.