Friday, Apr 26, 2024
HomeГОВОРНИЦАСтавМисајловски ала Јанакиевски – На терен за да не заборавиме

Мисајловски ала Јанакиевски – На терен за да не заборавиме

Новиот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски очигледно сака брзо да се наметне на новата функција и по неодамнешната „инспекција“ на градежните работи на автопатот Велес Штип сега не потсети дека железничката станица во Скопје ќе добие нов лик за четири месеци.

Ако добро се сеќавате ваквите посети на објекти во изградба и реконструкција беа карактеристични и за неговиот претходник Миле Јанакиевски кој често не потсетуваше преку прес конференции за медиумите до каде се проектите.

zeleznicka-stanica-Skopje

Најавата за новиот лик на „Железничка“ во Скопје трае неколку години и тоа е во ред, бидејќи објектот навистина беше во очајна состојба и треба да се среди, но ваквите министерски акции повеќе личат на лесни маркетиншки потези за кревање популарност.  Да потсетиме на уште нешто, во ноември минатата година последниците проценки на транспорт и на самата железница беа дека објектот ќе „заличи“ до мај годинава, но како што гледаме финалната изведба доцни. Интересно е што во „министерската инспекција“ дојдено е до заклучок дека:

„Два перона се целосно направени, се работи на третиот перон, лифтовите се 90 проценти завршени. Дел од санитарните јазли, на северната страна, се 100 проценти завршени, а во другите делови 90 проценти. Се работи и на електричните и климатизациските инсталации кои се завршени околу 80 проценти“.

zeleznicka-stanica-skopje2

Доколку направиме една мала математика дали навистина се потребни цели четири месеци за довршување на уште само 10% од изведбата на објектот, или пак тогаш е поповoлно време за повторно да се викнат новинарските екипи со нивните камери, чисто нели да не ги фати промаја на железничката платформа. Можеби тогаш е поповолно да се сече лента пред новиот воз кој само што не пристигнал од Кина, а нема да биде лошо и пред избори повторно да се потсетат граѓаните што се е направенp за скопска „Железничка“.

П.С. Не е доволно само да градиш, треба некогаш и да ги потсетиш луѓето што си изградил, за секој случај, да не заборават, оти избори секако ќе има.

Автор
Христијан Станоевиќ