Wednesday, Dec 11, 2019
HomeДЕНЕШНАПолитикаКовачевски: Фирма блиска на Мијалков ќе ископува јаглен за 5 милиони евра

Ковачевски: Фирма блиска на Мијалков ќе ископува јаглен за 5 милиони евра

vasko-kovacevski-685x320

Блокадата на Собранието и апсурдните меѓусебни реплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не се за заштита на државата. Бруталното прекршување на Деловникот од страна на Трајко Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ е единствено за заштита на криминалните и нафтените платформи на нивното раководство, изјави денеска пратеникот на СДСМ од Битола, Васко Ковачевски.

– Додека Груевски смислува насилни сценарија и работи на поделби на граѓаните, на 2 март оваа година склучен е нов договор за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола со битолската фирма Марковски компани, во висина од 290 милиони денари или речиси 5 милиони евра!

Договорот е склучен во постапка со преговарање без претходно да биде објавен оглас. Фирмата е во сопственост на битолчанецот Борче Марковски, од неодамна конзул на Белорусија, инаку во јавноста познат како близок пријател на Сашо Мијалков.

Фирмата Марковски Компани од 2008 година до денес има добиено тендери во РЕК Битола во износ од над 60 милиони евра. Еве и документи! Ова се фактури на фирмата Марковски Компани кон РЕК Битола за ископ на јаглен и јаловина и услуги коишто во изминатите години изнесуваат над 60 милиони евра. Оваа фирма е тесно поврзана со највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Заради ваквите и слични милионски тендери, цената на струјата постојано растеше, а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на Собранието овозможувуваат да продолжат бизнисите на Груевски, а спречуваат да се формира нова реформска Влада којашто ќе се грижи за потребите на граѓаните. На пример, ако беше избрана новата Влада, денес граѓаните ќе имаа два часа дневна евтина струја, а исто така и утре и задутре, преку целиот викенд.

Граѓаните ги очекуваат промените за живот. Има формирано легитимно парламентарно мнозинство. Многу брзо, според Уставот, деловникот и законите ќе биде избран новиот претседател на Собранието, а потоа и нова реформска Влада. А по промените ќе има и ревизија на работењето на досегашната власт, и ќе има одговорност за сите направени злоупотреби – рече Ковачевски.