Thursday, May 9, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе се разрешуваат судии што не ги објавувале одлуките

Ќе се разрешуваат судии што не ги објавувале одлуките

Советот за утврдување на факти побарал од Судскиот совет разрешување на судии кои со години не ги пишувале пресудите или не ги објавувале јавно, пишува Сведок.

По претставки на граѓани, Советот утврдил дека станува збор за масовна појава на јавно необјавување на пресудите, како во граѓанска, така и во кривична материја, а голем бил и бројот на судии кои не ги изготвувале пресудите во законските рокови.

-Имаме масовна појава со необјавување на пресудите кај многу судии. Странките се жалат, но повисоките судови не ги враќаат назад од тој аспект поради овој пропуст бидејќи ценат дека не е сторена битна повреда. Испративме опомена преку претседтелите на судовите дека нема да се толерира такво однесување, ќе бидат покренувани постапки за разрешување. Добивме повратни информации дека наводно се подобрува ситуацијата – вели Сашо Поцевски, Претседател на телото што покренува постапка за разрешување на судиите пред Судскиот совет.

Веќе е покрената постапка за разрешување на судија од Делчево кој со години не објавувал пресуди.

Поцевски не потврдувајќи дали се работи за истиот случај, вака ја објаснува постапката во која се бара разрешување:

-3-4 години судијата кој работел на предмети од мала вредност не објавил ниту една пресуда. Покренавме постапка за негово разрешување и цврсто сме решени дека таквото однесување нема да то толерираме – вели Поцевски.

Сепак, другото прашање што ќе доведе до разрешување на судии е и ненавременото пишување на пресудите. И тука, според Советот за факти, има судии кои со години не ги пишувале пресудите, а Судскиот совет и претседателите на судови ги толерирале.
Не е јасно, како биле прикажувани овие предмети во акмис системот, ако немало податок кога е експедирана пресудата и дали истата станала правосилна во текот на извештајната година.

-Има голем број неизработени пресуди и ова се толерирало со години. Дали знаеле за ова претседателите на судовите и Судскиот совет и ја толерирале таквата активност ќе утврдуваме и нема да премолчуваме. Има маса на ненапишани пресуди во последниве три години – вели Сашо Поцевски.

Двата закони, за Судски совет и Советот за утврдување на факти не се усогласени, па во едниот пишува дека може да се испитува работата на судијата три години наназад, а во другиот пет години. Затоа, бараат итно усогласување на овие закони за да може непречено да се водат постапките.

Пред Судскиот совет има неколку постапки за разрешување на судии, а еден предлог за разрешување на судија кој го поднел Советот за факти е отфрлен од Судскиот совет.

Во телото на „мудри старци“ во кој членуваат пензионирани судии, обвинители, адвокати и еден професор од Правен факултет (еден професор не е избран) вкупниот број години на членовите кои ја ценат работата на судиите е 530 години.