Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов до крајот на неделава ќе предложи двајца уставни судии

Иванов до крајот на неделава ќе предложи двајца уставни судии

Претседателот Ѓорге Иванов во согласност со своите уставни надлежности до крајот на неделата до Собранието на Република Македонија ќе достави предлози за избор на двајца членови на Уставниот суд, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата.

Предлозите, како што претходно најави кабинетот на претседателот Иванов, ќе бидат доставени по завршувањето на локалните избори. ДИК денеска и официјално објави дека изборите се завршени со што се отвори можноста да бидат доставени предлозите за уставни судии.

Засега нема предложено кандидат и за третото испразнето место, кое треба да биде пополнето по предлог на Собранието на Република Македонија.

Од кабинетот на претседателот на Собранието на РМ велат дека се во комуникација со кабинетот на претседателот Иванов и ги чекаат имињата на предлог кандидатите за судии во Уставниот суд.

Претседателот Иванов треба да предложи кандидати кои ќе дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Судот во моментов работи без тројца судии. Покрај на Габер Дамјановска и на Старова, мандатот во август годинава му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран на предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.

Претседателот и Судскиот совет предлагаат по двајца, Собранието пет судии

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Според Уставот, двајца судии на Уставниот суд предлага претседателот на Република Македонија. Судскиот совет предлага двајца канидати од редот на судиите. Согласно уставната определба со Амандманот XV од Уставот, Собранието избира пет судии, а тројца со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Уставните судии со деветгодишен мандат, без право на повторен избор

Судиите ги избира Собранието на Република Македонија со мандат од девет години без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.

Функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршењето друга јавна функција, професија или членување во политичка партија. Судиите уживаат имунитет како и пратениците во Собранието на Република Македонија. За имунитетот на судиите одлучува Судот во постапка предвидена со судскиот Деловник.

За полноважно одлучување неопходни најмалку шест судии

Уставниот суд работите од својата надлежност ги врши на седница во полн состав, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број судии.

За да работи полноважно, Уставниот суд мора да има најмалку шест судии. Доколку за некоја одлука нема мнозинство гласањето по таа точка се остава додека не се создаде кворум.

Пред одлучувањето на редовните седници, Судот може да одржува подготвителни седници и консултативни разговори.

Судот организира јавни расправи доколку оцени дека е тоа потребно, освен во случаите на одлучување за барање за заштита на поединечните права, кога одлуката ја донесува по правило врз основа на јавна расправа.

За прашања од доменот на внатрешната организација и начинот на работа, Судот образува постојани и повремени комисии.

Стручните работи Судот ги врши преку организирање на посебна стручна служба