Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеКако да набавите е-картичка за автобусите на ЈСП

Како да набавите е-картичка за автобусите на ЈСП

Тест-фазата од електронскиот систем за наплата на Јавното сообраќајно претпријатие е во тек, а од претпријатието сѐ уште ги испитуваат предностите и слабостите со кои се соочуваат не само тие, туку и нивните патници. Одговорните од ЈСП велат во оваа тест-фаза постепено се тестираат одредени функционалности од системот, но не конкретизираат какви проблеми откриваат бидејќи граѓаните имаат многу нејаснотии и прашања без одговор за новите картички.

Привилегирани се само највозрасните, бидејќи ним им се дава можност први и организирано да дојдат до персонализираната скопска е-картичка. Целта е и покрај правото на пензионерите да користат бесплатен превоз, со овие картички тие да се регистрираат на валидаторите во автобусите. На почетокот на учебната година персонализирани билети треба да добијат и учениците, а со почетокот на новата академска година, секако и студентите. Средношколците за бесплатен билет треба да ги исполнуваат условите пропишани од Градот, ќе добијат билет ако живеат повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето.
avtobusЗа персонализираните картички веќе работат билетарниците на ЈСП во периодот од 7 до 19 часот во работни денови. Картички се изработуваат во билетарниците на ЈСП, Транспортен центар, Бит-пазар, Порта Влае, во дирекцијата на ЈСП, во Центар „ЈСП Турс“ и во Аеродром. Од 20 август персонализирани картички ќе може да се вадат и во билетарниците кај Шумарски факултет и во Карпош 2, пишува „Утрински“.

Информираат дека по иницијатива на пензионерските здруженија им излегле в пресрет на пензионерите за организирана изработка на персонализирани картички. Целта е, велат, редуцирање на прометноста при изработката на картичките во периодот што следува. Објаснуваат дека постапката за вадење на билетите за учениците и за студентите останува иста и ќе почне во септември и информираат дека стариот систем на користење на услугите во градските автобуси ќе трае заклучно со 31 декември годинава. Притоа додаваат дека за сите нејаснотии што ги имаат граѓаните во врска со е-картичките, начинот на нивното вадење и постапката, како и за сите прашања на кои сакаат да добијат одговор ќе можат да се јават на бесплатниот телефонски број 080015115.

(Скопјеинфо)