Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов ги прими акредитивните писма на новиот малезиски амбасадор

Иванов ги прими акредитивните писма на новиот малезиски амбасадор

Претседателот Ѓорге Иванов, во „Вила Билјана“ во Охрид ги прими акредитивните писма од Мохамед Садик Кетергани, новоименуваниот амбасадор на Малезија за Македонија, со седиште во Будимпешта. Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Кетергани во Македонија, Иванов рече дека меѓу двете земји постои голем потенцијал за развој и унапредување на меѓусебните односи.

„Вашето именување за вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Малезија во Република Македонија претставува уште една потврда на успешните и пријателски односи меѓу двете држави. Дозволете ми, во тој контекст, да нагласам дека Република Македонија придава посебно внимание на развојот и унапредувањето на севкупните односи со пријателска Малезија, на билатерален и на мултилатерален план. Секако, посебен акцент во идниот период треба да се стави на економската соработка“, рече Иванов.

Амбасадорот Кетергани истакна дека Малезија, исто така, придава големо значење на билатералните односи со Македонија, оценувајќи ги како срдечни. Тој се осврна и на соработката на мултилатерален, културен и на економски план.

„Трговската размена меѓу двете земји е охрабрувачка. Но, многу повеќе може да се направи за натамошно подобрување на билатералните економски и трговски врски, во заеднички интерес на двете земји. Во насока на ова, ги охрабруваме бизнисмените од двете земји да го испитаат потенцијалот што постои во двете земји“, рече амбасадорот Кетергани.

Претседателот Иванов на амбасадорот Кетергани му посака успешно вршење на оваа високо ценета и одговорна функција.

извор:Макфакс