Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАмбасадорката Дивјак Томиќ се врати во Скопје – ќе има средба со Заев

Амбасадорката Дивјак Томиќ се врати во Скопје – ќе има средба со Заев

Српската амбасадорка во Македонија Душанка Дивјак Томиќ денеска, според најавите, треба да побара средба со премиерот Зоран Заев, во врска со дипломатскиот спор што настана со повлекување на персоналот од Амбасадата на Србија во Скопје, пишува „НОВА ТВ“.

Како што беше најавено од највисоките српски државни претставници, амбасадорката од вчера е во Скопје, на редовни работни задачи.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера истакна дека Управата за безбедност и контраразузнавање не прислушувала ниту една амбасада во земјава.

– Во овој дел нема апсолутно никакви активности коишто може да ја компромитираат УБК или Министерството за внатрешни работи, рече Спасовски.

Во врска со настаните од 27 април кога се случи упадот во македонското Собрание и можната инволивираност на припадници на МВР, министерот Спасовски рече дека со сите можни капацитети се насочени кон истрагата и оти очекува и од Јавното обвинителство да биде одлучно во однос на постапките против лицата кои извршија упад во Парламентот.

– Се водат и внатрешни и дисциплински постапки против повеќе припадници на МВР и на УБК и тоа е од исклучителна важност и врвен приоритет за нас за да се справиме со оваа состојба. Очекувам дека и Јавното обвинителство, посебно Одделот за организиран криминал, ќе бидат одлучни во однос на постапките против лицата кои извршија упад на 27 април во Собранието се со цел да убијат дел од пратениците, рече Спасовски.

Според него, важно е да се спроведе целосна истрага за настаните од 27 април за да се врати кредибилитетот и довербата во институциите.

Дипломатскиот спор кој траеше 48 часа, а се однесуваше на наводно прислушување на Амбасадата и персоналот, беше решен со директни разговори меѓу претседателот на Србија и премиерката на Србија Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ со македонскиот премиер Зоран Заев, и со средбата на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Ивица Дачиќ.