Saturday, May 4, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаИванов: АРМ е подготвена за евентуален втор мигрантски бран

Иванов: АРМ е подготвена за евентуален втор мигрантски бран

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, во придружба на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски денеска ги посети припадниците на АРМ ангажирани на јужната граница. Иванов посочи дека нашите безбедносни сили се подготвени за евентуален втор мигрантски бран.

Иако Балканската рута е затворена неколку месеци, Армијата констатира зголемен број илегални минувања на државната граница и појава на криумчарење мигранти преку нашата територија. Армијата заедно со полицијата имаат спречено 18.000 илегални преминувања – истакна претседателот Иванов.

Зачестено е и уништувањето на заштитната ограда.

Досега се забележани и евидентирани околу 700 обиди на сечење на оградата и уништување. Тоа кажува дека иако Балканската рута е затворена, сепак голем број мигранти, бегалци, економски мигранти настојуваат да ја пробијат нашата заштитна ограда и да влезат и да го активираат овој коридор кој сега е затворен, додаде Иванов.

Мора да им се оддаде признание на сите војници и офицери, истакна претседателот, за тоа што досега успешно се справуваат со сите предизвици, но исто така мора да им се оддаде признание и на полицајците и на сите субјекти од кризниот менаџмент кои се вклучени и кои секој ден ја следат состојбата и ги информираат сите надлежни институции за состојбите со илегалната миграција.

Иванов посочи дека се потврдија сите предупредувања што ги даваше Македонија во минатото дека Балканскиот коридор на илегална миграција се користи и од лица – терористички борци.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Македонија треба да го следи примерот на Србија и Бугарија и да повлече повеќе припадници безбедносни сили, претседателот Иванов рече дека засега има доволен број припадници на АРМ и на полицијата на јужната граница и тие си ја извршуваат својата работа. Настаните, посочи тој, се следат дневно и како постои потреба така и бројот на војниците се зголемува.

На нас ни треба во овој период Армијата да е одморена. Ако дојде евентуално вториот бран да биде подготвена, како и минатиот пат да се справи со сите тие предизвици – рече македонскиот претседател.

Се укажува, додаде Иванов, дека тој број ќе се зголемува и дека сите сме изложени на опасност од такви терористички акти.

Како се губи територијата на ИСИЛ на боиштата во Сирија, но исто така и во Либија, голем дел од тие лица се обидуваат да се вратат од земјите од каде што отишле на боиштата или, пак, кои заедно со мигрантите стигнале на територија на ЕУ да преземат такви акции – рече Иванов.

Имајќи предвид дека само Балканот има преку 1.000 странски борци на боиштата во Сирија, а 60 отсто од нив се вратени, според Иванов и нашиот регион не е исклучен од можни терористички акти.

Затоа, сево ова што го прави Армијата со поддршка на полицијата која е тука да и даде поддршка, е од корист на сите земји кои се долж и Балканската рута, но и долж Европа како континент – рече тој.

Македонските служби и полицијата, истакна Иванов, интензивно ги следат лицата кои се повратници од боиштата.

Ја кажувам бројката, 86 имаме во моментот во Македонија. Дел од нив се и преку акцијата „Ќелија“ приведени, дел од нив се следат, но тоа е тешко докажлив дел, не можете да докажете ако немате докази и Полицијата и службите досега ефикасно се справуваат со тоа, но тоа се и поединечни акти на насилство. Никогаш не можете да предвидите кога ќе се случат. Досега нашите служби успешно се справуваат, рече претседателот Иванов.

Потенцираше дека и локалното население треба да знае за тие лица и треба да соработува со надлежните институции и да ги пријавуваат тие лица кои се потенцијални можни сторители на такви терористички акти.