Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХан: Невозможна е интеграција на Западен Балкан во ЕУ без финансиска поддршка

Хан: Невозможна е интеграција на Западен Балкан во ЕУ без финансиска поддршка

Протекционизмот не е вистински одговор за развој на економијата, изјави шефот на италијанската дипломатија Анџелино Алфано при отворањето на Бизнис форумот во Трст, кој се одржува во рамките на самитот Западен Балкан – ЕУ.

Алфано истакна дека отвореноста и транспарентноста на државните органи кон бизнис секторот се клучни за повисока динамика на економијата, а дека вистински предизвик е креирањето на нови работни места за младите луѓе, во кои е иднината на секоја земја.

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан потенцираше дека самитот испраќа порака за поддршка и стимул за реформи во земјите од Западен Балкан. Тој рече дека на преку овој собир на високо ниво се утврдува до каде се процесите и прогресот во земјите од Западен Балкан вклучени во „Берлинскиот процес“, и оти одблизу се следат процесите на меѓусебно поврзување, спроведување на реформи во енергетиката и во другите области.

– Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка. Европската Унија ќе ги поттикне реформите, за да регионот продолжи да се развива и земјите да го постигнат посакуваното ниво на економски развој. Економскиот развој е еден од клучните елементи за интегративниот процес на регионот на Западен Балкан во Европската Унија – изјави Хан.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека Владата ќе се посвети на спроведување на потребните реформи што го трасираат патот на земјата кон членството во Европската Унија.

– Не е возможно да зборуваме за економски раст на земјата, ако не работиме на поддршка и стимулирање на извозот на компаниите кои работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ – рече Анѓушев, додавајќи дека приоритет на новата влада ќе биде изградбата на инфраструктура, реформите во енергетскиот сектор и создавањето бизнис амбиент за здрави и успешни компании

Во однос на привлекувањето на странски инвестиции во земјата, Анѓушев рече дека сите сите странски инвеститори дека се добродојдени во Македонија и дека владата ќе ја гарантира безбедноста на странскиот капитал.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред и е дел од активностите кои се одвиваат во рамките на „Берлинскиот процес“, иницијатива на Европската Унија, за забрзување на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.