Thursday, Aug 13, 2020
HomeДЕНЕШНАПолитикаСоработката на Западен Балкан со Русија под лупа на Америка

Соработката на Западен Балкан со Русија под лупа на Америка

sad zname

Американското министерство за одбрана со Стејт департментот во текот на следната година ќе изврши процена на соработката на сите држави од Западен Балкан со САД и со Руската Федерација. Врз основа на проценката за соработка во областа на одбраната ќе биде направен извештај, кој ќе биде доставен до надлежните комисии на американските законодавни тела, пишува босанската новинска агенција „Фена“.

Како што се наведува во федералниот закон, кој минатата недела стапи на сила, се прецизираат буџетот и планови за одбраната на САД за 2018 година, а извештајот ќе содржи и детални информации за воената соработка со Македонија, БиХ, Србија, како и на Косово со Русија.

„Извештајот мора да содржи проценка на безбедносната соработка на сите држави од Западен Балкан со Русија и тоа листа на вооружување, одбранбени системи и воени технологии вредни милиони долари, кои ги добила или купила било која држава од Западен Балкан од 2012 година досега. Опис на учеството на воените сили на тренинзи и вежби со Русија во истиот период како и опис на договорот за соработка во кој влегле земјите од регионот со Русија“ стои во законот.

Освен тоа, американските власти ќе мора да го запознаат Конгресот и со проценката за „разузнавачката соработка на државите од Западен Балкан со Русија“, како и за последиците од таквата соработка врз интересите на САД и НАТО, државите од регионот и државите кои се граничат со Западен Балкан.

Исто така, ќе се бараат истите проценки и информации за соработката на државите со САД и опис на учеството и активностите на четирите држави во програмите на НАТО, посебно Партнерство за мир, а како што се наведува, во документот опширно се говори за реакцијата на „заканите на Руската Федерација“ на интересите на САД ширум светот“.

Документот кој американското министерство за одбрана и Стејт департментот ќе го достават до комитетите на Конгресот ќе биде јавен, но може да содржи делови кои нема да бидат достапни за јавноста.