Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаХан и европратениците Кукан, Вајгл и Флекенштајн со нов обид за решавање на кризата

Хан и европратениците Кукан, Вајгл и Флекенштајн со нов обид за решавање на кризата

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, денеска се во Македонија со цел да направат уште еден обид за договор за излез од политичката криза во која земјата е подолг период.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, најави дека Хан и тројката европратеници ќе се сретне со политичките лидери, но не прецизираше дали ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов.Засега ниту од кабинетот на претседателот не потврдуваат дали тој воопшто ќе се сретне со бриселската четворка.

Според Коцијанчич, се очекува Хан и тројцата европратеници да ја повторат позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино.

Еврокомесарот Хан, пак, во пресрет на посетата на Скопје, апелира за почитување на демократските принципи и изборните резултати. Тој во интервју за „Дојче веле“’ го оцени како контрапродуктивно мешањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој се јави како медијатор меѓу албанските политички партии при составувањето на платформата.

Еврокомесарот за проширување, денеска во Скопје нема да се сретне со претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои ги предводат протестите што изминатите денови се случуваат во земјата за зачувување на унитарноста на Република Македонија. Портпаролката на Европската комисија, Коцијанчич, потврди дека Хан и тројцата европратеници во Скопје ќе се сретнат само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволувала повеќе.

Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, пак, за денеска најавија досега најмасовен протест во Скопје.
Ова е втора посета на еврокомесарот Хан на Македонија по парламентарните избори одржани на 11 декември. На почетокот од февруари во Скопје имаше средби со претседателот на државата Иванов, и со лидерите на партиите застапени во Парламентот. По средбите порача дека очекува од политичките лидери да демонстрираат демократска зрелост и да донесат одлука во интерес на грѓаните и европската перспектива на земјата.

– Очигледно е потребно време. Тие ќе продолжат со преговори и очекувам да донесат одлука во интерес на земјата, на граѓаните и на европската перспектива. ЕУ ќе стори се за да и помогне на земјата и на нејзиното раководство, изјави тогаш Јоханес Хан.