Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаГрозданов ќе ги тужи Жерновски и општина Центар, општината тврди дека тие не се проблемот

Грозданов ќе ги тужи Жерновски и општина Центар, општината тврди дека тие не се проблемот

Деведесет и девет проценти од потребните услови за претстојниот Куп на УЕФА се исполнети или се во завршна фаза. Арената „Филип Втори“ е подготвена и ја доби оценката „добар“, но до 8 август, кога треба да се одржи манифестацијата, во состојба сме да ги подигнеме условите уште едно ниво повисоко, соопшти деенска директорот на АД за изградба и за стопанисување со станбен и деловен простор (ПУИГ) Цветко Грозданов, отрфлајќи ги како шпекулации и неосновани обвинувањата од градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски дека на арената „Филип Втори“ се вршат незаконски дејства и дека одржувањето на Купот е доведено во прашање.

Грозданов на прес-конференција најави дека ќе поднесе кривична пријава за Жерновски и за Центар зашто го довеле, како што нагласи, ПУИГ и него како менаџер во заблуда. Прво му издале одобрение за градба на земјиштето во рамки на арената каде што треба да бидат поставени возилата за пренос на Купот, односно за медиумите, а потоа, по два месеца се прогласиле за ненадлежни, поништувајќи го претходно издаденото одобрение.

– Ги уверувам граѓаните дека одржувањето на Купот на УЕФА ќе се одржи и во ниту еден случај нема да биде доведен во прашање. Ништо нема да не поколеба да го завршиме проектот, независно дали нашата институција ќе има дополнителни трошоци или какви било финансиски импликации кон изведувачот – нагласува Грозданов.

Подготовката на земјиштето на кое, според првичниот проект требало да има тениски терени, е 70 проценти завршена, но сега, откако Општина Центар го повлече одобрението за градба, тоа ќе биде само израмнето бидејќи, како што објасни Грозданов, и така веќе ги исполнува условите за потребната цврстина што ја бара УЕФА.

Директорот на ПУИГ информира дека се бараат алтернативни решенија со цел целата оваа градежна активност да биде во законски рамки.

– ПУИГ ќе се обрати до Државниот градежен инспекторат за да го врати земјиштето во првобитна состојба и, место тениски игралишта со тврда подлога, да биде само израмнето – истакна Грозданов.

Кривичната пријава против Жерновски и Општина Центар ќе биде поднесена идната недела.

Грозданов на прес-конференцијата апелира градоначалникот да се надмине себеси и да не ги гледа теснопартиските интереси зашто, како што рече, Купот на УЕФА е манифестација од значење за целата држава.

Според директорот на ПУИГ, целта на обвинувањата на Жерновски објавени изминатите два дена во одредени медиуми била да се оцрни работењето на Агенцијата и да се укаже на нејзината наводна неажурност што е сосема спротивно од вистината.

Од Општина Центар наведуваат дека издаденото решение за тениски терени од општината е поништено, бидејќи АД за изградба на деловен и станбен простор од значење за Република Македонија, е во целосна сопственост на РМ, и решенијата ги издава Министерството за транспорт и врски, а не општината.

Проблемот се јавува кога по поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за ова подрачје, за добивање на решение за тениски терени потребно е претходно да се одобри архитектонско урбанистички проект за кој АД за изградба на деловен и станбен простор од значење за Република Македонија не е подготвено со техничка документација и Министерството за транспорт и врски не може да им го издаде бараното решение.

Проблемот не е во општина Центар, туку во бавната реакција на Акционерското друштво, се вели во реакцијата на Општина Центар на изјавата на директорот на АД за изградба на деловен и станбен простор, Цветко Грозданов.