Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеЕдна прослава, две елки, Скопје ќе блесне во новогодишно руво вредно 200.000 евра!

Една прослава, две елки, Скопје ќе блесне во новогодишно руво вредно 200.000 евра!

Една Нова Година, а две елки. Градот Скопје годинава ќе постави две невогодишни дрва кои ќе бидат со повпечатливи димензии и тоа: Едната, висока 9 метри, ќе се постави кај Зоолошката градина и ќе го краси булеварот „Илинден“, а нејзината двојно поголема копија ќе се постави на плоштад, стандардно, помеѓу „Сити Галери“ и кафеаната „Пелистер – одлучи Град Скопје.

Покрај овие две новогодишни елки, светлосни реквизити покрај булеварите, декорации и ѕвездено небо ќе го формираат новогодишното „лудило“ во главниот град. Која е бојата што ќе биде како тема годинава, дали ќе се користат нови украси и фигури или ќе се употребуваат оние од минатата година, одговорните не откриваат. Надлежните излегоа само со информација дека е започнато украсувањето и декорирањето по повод претстојните празници. „Атракциите“ од проектот „Скопје 2014“ засега не е планирано да светнат во новогодишни бои.

„Украсувањето и декорирањето ќе завршат на 15 декември, а планирано е да се раскитува три дена, почнувајќи од 15 јануари. Новогодишното декорирање на градскиот амбиент ќе го реализира фирмата ‘Линк медиа‘, која понуди најниска цена на јавниот повик, за што ќе бидат издвоени околу 10,4 милиони денари, односно безмалку 170.000 евра“, информираат од Град Скопје.

Новогодишен стил ќе добие и паркот „Жена-борец“, а секако и новиот плоштад „ВМРО“, кој се наоѓа пред седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во боите на празниците ќе блеснат и Старата чаршија пред „Чифте амам“, просторот пред „Света Богородица“ и плоштадчето „Филип Втори“.
Покрај централниот плоштад, новогодишно руво ќе добие и булеварот „Илинден“ до раскрсницата со „Рузвелтова“, просторот на „Илинденска Два“ односно делот околу Владата, понатаму улицата „Даме Груев“, бул.„Партизански Одреди“ како и платото пред „Универзална Сала“.

Градските власти информираат дека новогодишни украси ќе има и покрај улиците „Димитрие Чуповски“, „11 Октомври“, „ВМРО“, улицата „Филип Втори“, на потегот од раскрсницата кај Специјалната болница за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ до раскрсницата кај ТЦ „Мавровка“. Ќе се кити и булеварот „Климент Охридски“ од Влада до зградата на „Нова Македонија“, како и просторот пред Судската палата и булеварот „Гоце Делчев“ од ТЦ „Мавровка“ до Влада.


Н.С

Забрането е користење, копирање и преземање на содржините без согласност на редакцијата на pozitiv.mk или авторот, како и без приложување на соодветен линк и наведување на извор.