Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДС бара да се свика Собранието и да се исполнат барањата на народот

ДС бара да се свика Собранието и да се исполнат барањата на народот


Демократскиот сојуз предводен од Павле Трајанов повика Собранието повторно да се свика за да се одложат изборите закажани на 5 јуни, како и целосно да се повлече аболицијата од претседателот Иванов бидејќи според нив постои општ граѓански консензус за овие две прашања.

– Укажуваме дека нема уставни и законски пречки да се свика Парламентот, при што, ако Трајко Вељаноски, не сака да го свика, тоа можат да го направат самите пратеници и Собранието да донесе одлука за одлагање на изборите. Согласно член 15 став 4 од Изборниот законик, мандатот на пратениците трае се до конституирање на Собранието во нов состав. Исто така нема уставни и деловнички пречки за свикување на седница на Парламентот, но во праксата по самораспуштање, тој не заседава, за да не се користи за предизборни цели, но и натаму е во постојано заседание, што е предвидено и со член 66 став 1 од Уставот и член 5 став 1 од Деловникот на Собранието, наведува ДС во соопштението.

Претседателот Ѓорге Иванов, како што се посочува во соопштението, може да ја повлече одлуката за аболиција, со нова одлука.

Демократскиот сојуз повикува протестите да се одвиваат на мирен начин, како демократски чин на искажување на незадоволство.