Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимовски побара седницата за разрешување на Зврлевски да продолжи по локалните избори

Димовски побара седницата за разрешување на Зврлевски да продолжи по локалните избори

На шестата пленарна седница, на која почна расправата за владиниот предлог за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлески, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, веднаш побара седницата да биде прекината и да продолжи по одржувањето на локалните избори, на 15 октомври.

– Во согласност со членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуклата за распишување избори до завршување на изборите, пратениците не можат да носат одлуки, не можат да се почнат постапки за вработување нови лица и за престанок на работните односи на јавните функционери, односно постапките се ставаат во мирување. Владата на 5 август, денот пред распишување на локалните избори, назначи 1.000 членови на управни и на надзони одбори, назначи директори бидејќи знаеше дека е последен рок пред распишувањето избори – рече Димовски.

Тој му порача на Џафери дека како што тој на денот на распишувањето на локалните избори повикал да се почитуваат законите, должен е и самиот да ги почитува законите и Уставот и постапката за разрешувањето на Зврлевски да ја стави во мирување.

На ова, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кажа дека тој може да го толкува деловникот како сака, а тој ја спроведува нормата.

– Не навлегувам во интерпретација и во толкување на деловникот, должен сум да го спроведам. Ако има спор, постои надлежна комисија во однос на толкување на одредбите на деловникот. Нема пречка да се поведе постапката за толкување одредби, но и нема пречка во однос на продолжување на работата. Според истиот член 8а од Изборниот законик, формално-правно Собранието како законодавен дом, не зависи од ниту една друга власт. По ваша логика, Собранието од денеска треба да оди на одмор и да не работи до 16 октомври. Собранието нема никаква пречка да продолжи со дебата и со евалуација – изјави Џафери.

На ова Димовски одговори дека тие можат да продолжат да дебатираат по други точки и да се закажат седници за депонијата во Струга, Договорот со Бугарија или за стратегијата за мигрантите.