Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров се надева во 2018 година да стигне неусловена препорака од ЕУ за почеток на преговори

Димитров се надева во 2018 година да стигне неусловена препорака од ЕУ за почеток на преговори

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров изрази денеска надеж дека 2018., кога Македонија, Финска и Шведска бележат 25-годишнина од воспоставување на дипломатските односи, ќе биде година кога земјата ќе има чиста препорака за преговори од страна на Европската комисија.

Тој на денешната заедничка прес-конференција со шефовите на дипломатиите на Швеска и Финска, Маргот Валстром и Тимо Соини, кои се во возратна посета на Македонија, посочи дека во 2018. постојат реални шанси за деблокада на процесот на европската и евроатлантската интеграција.

Димитров на средбата со своите колеги ја потенцирал цврстата решеност на Македонија повторно да го пронајде европскиот пат и овој пат да не го загуби.

– Ова се две земји од кои имаме што да научиме, тие се извор на инспирација, не само за Македонија, туку и пошироко во однос на тоа како ги организирале своите општества во интерес на нивните граѓани. Тие доаѓаат во еден мошне важен период за Македонија во однос на нашата реформска агенда и во однос на надворешно-политичките активности на земјата, истакна Димитров, кој ова лето во рамки на нордиската турнеја ги посети Шведска и Финска.

Цврста поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ дадоа двајцата министри за надворешни работи.

– Иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ, изјави министерката за надворешни работи на Шведка Маргот Валстром, која ја поттикна Македонија да продолжи со реформските напори во насока на владеењето на правото, слободата на говорот, слободата на медумите.

Таа препорача и вложување поголеми напори во борба против корупцијата, со цел да се привлечат повеќе странски инвеститори.

Министерот за надворешни работи на Финска, Соини, изјави дека Македонија е прва земја, која ја посетува заедно со Валстром.

– Исполнувањето на критериумите за влез во ЕУ се од суштинска важност за земјите од Западен Балкан, истакна Соини, кој напомена дека на состанокот станало збор и за спорот со Грција за името.

Тој додаде дека Финска и Шведска се охрабрени од резултатите во тој процес, а изрази задоволство и од договорот, кој беше постигнат со Бугарија.

– Владеењето на правото е мошне важно за да може да функционира системот, со што ќе се спречи одливот на младите од земјата, а дури и некои од нив ќе се поттикнат да се вратат, рече Соини.

Тој и Димитров на средбата разговарале и за реформите на финскиот образовен систем, кој се проценува како еден од најдобрите во светот и можноста за пренесување на некои од тие искуства во Македонија.

Тројцата министри се договориле за зајакнување на билатералната соработка и нејзино кревање на едно повисоко ниво.

На новинарско прашање упатено до Соини, во врска со реакцијата на рускиот амбасадор во Финска дека Русија ќе преземе соодветни чекори доколку Финска се приклучи кон НАТО, тој, но и Малстром, посочија дека нивните држави се независни и дека сами си донесуваат одлуки во врска со сопствената безбедност или членување во одредени сојузи.

– И Македонија секако е независна земја. Имаме 72 процентна поддршка од нашите граѓани, кои би сакале да ја видат земјата како членка на НАТО. Ние сме цврсто решени да чекориме по патот на нашата евроатлантска интегрција, а тоа не значи дека треба да имаме негативни односи со кого било, се надоврза Димитров.

Во врска со шпекулациите дека МНР планира да го смени Васко Наумовски од позицијата преговарач во спорот за името, Димитров истакна дека не сака да дава изјави за непотврдени шпекулации и додаде дека овој процес мошне сериозни се зема предвид и тој ќе отпочне по локалните избори, како што најави медијаторот Метју Нимиц.