Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЏафери закажа собраниска седница за утре во 11 часот

Џафери закажа собраниска седница за утре во 11 часот

По паузата за време на локалните избори, претседателот на Собранието, Талат Џафери, за утре во 11 часот ја закажа 18. седница.

Помеѓу точките на дневен ред се изменувањето на одлуката за испраќање припадник на АРМ за учество во мировната операција на Обединетите нации, УНИФИЛ во Либан, барање за автентично толкување на членови од Законот за градежно земјиште, барање за автентично толкување на член 9, став 1, алинеја 1 од Законот за јавни набавки, како и барање за автентично толкување на член 14, став 4 и член 42, став 10 од Законот за минерални суровини.

Џафери го распушти парламентот на 23 септември, два дена пред почетокот на изборната кампања, за да спречи какво било влијание врз гласачите од собраниската говорница.

Во следниот период, Собранието треба да го донесе Законот за употреба на јазиците, да се гласа по интерпелациите за неколку министри, да ги констатира оставките на пратениците кои се кандидираа и освоија градоначалнички функции на локалните избори и да ги верификува мандатите на новите членови на законодавниот дом кои треба да седнат на нивните места, да именува нов државен јавен обвинител и да го ратификува Договорот со Бугарија.