Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСобранието го донесе законот за стечајците

Собранието го донесе законот за стечајците

Група стечајни работници кои од галеријата ја следеа денешната собраниска седница конечно дочекаа донесување на Закон за стечајни работници, пишива МКД.

Собранието денеска со 82 гласа „за“ го усвои законот со кој материјално се обезбедуваат невработените лица кои поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата останале без работа. Со ова се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Годишно за таа намена од буџетот на Агенцијата за вработување ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.

Невработените лица опфатени со законот треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

На денот на стапување во сила на законот да се возраст од најмалку 52 години, за жени, односно 55 години за мажи.

Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.

Опозицијата го поддржа законот, но посочи дека во него има недоследности и со него повторно дел од стечајците нема да бидат опфатени.