Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБејли: Одлуката на Иванов не беше правилна и се надеваме дека ќе ја преиспита

Бејли: Одлуката на Иванов не беше правилна и се надеваме дека ќе ја преиспита

Договорот од Пржино останува добра основа за надминување на политичката криза во земјата, изјави денеска американскиот амбасадор Џес Бејли на завршниот настан на проектот на УСАИД за меѓуетничката интеграција во образованието.

– Зборувавме за ова многу пати, не знам дали има Пржино еден, два, три… Имавме систем поставен од мај до јули 2015, кој предвидуваше кризата да се разреши со враќање во Собранието, со создавање услови за добри и фер избори, со справување со прашањето на неовластено прислушуваните разговори, како тие настанале и што откриваат, и потоа да продолжиме со реформските приоритети. Сметам дека тоа останува добра основа за да одиме напред. Ако ги погледнете овие елементи, мислам дека може да видите начин како да одиме напред, рече Бејли, одговарајќи на новинарско прашање дали е потребен „Пржино 3“ за решавање двегодишната политичката криза.

Сепак, тој истакна дека за одлуката за следните чекори треба да ја донесат лидерите на политичките партии.

– Ние остануваме партнер и пријател на Македонија, сакаме да помогнеме процесот да се движи напред, но на крајот на денот се зависи од вас, од граѓаните, од вашите лидери, да профункционираат демократските институции. Има тензии во општеството, има поделби, и важно е институциите да ги приближуваат граѓаните заедно – рече американскиот амбасадор.

Во однос на доделувањето на мандатот за формирање влада, Бејли повтори дека очекува претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита неговата одлука.

– Сметаме дека тоа не беше правилна одлука и се надеваме дека ќе ја преиспита. Мислам дека е важно демократските институции да функционираат и во тоа се содржани решенијата – рече Бејли.