Кајакарите наскоро ќе добијат уште една добра патека
За десетина дена Ќе биде готова втората најдобра кајакарска патека во Македонија. Патеката долга околу 200 метри се прави на иницијатива и барање на четири велешки кајакарски клубови: КК „Бабуна“, „Вардар“, „Вила Зора “ и „Гемиџии“, а со финансиска поддршка на општина Велес, во близина на Стар Мост во Вардар.
– На тој начин во Велес ќе се создадат услови за подобри тренинзи на кајакарите кои се меѓу најдобри велешки спортисти, а воедно ќе се овозожи и одржување и меѓународни натпревари за кајак од повисок ранг, вели Роберт Папазов од КК „Бабуна“. Тој појасни дека има направено систем за капиите и мерна кула, како и пристапни скали до водата.
Оваа кајакарска патека е втора по ранг во Македонија веднаш по најдобрата која се наоѓа на Матка. Инаку на кајакарската патека во Велес веќе се одржаа два кајакарски натпревари, а на 25 и 26 септември ќе се одржи Отвореното првенство на Македoнија во кајак со учество на кајакарите од Македонија, Србија, Босна и Бугарија, најави Папазов.