Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани побара поддршка од Иванов за договорот со Бугарија и за законот за јазиците

Османи побара поддршка од Иванов за договорот со Бугарија и за законот за јазиците

Претседателот Ѓорге Иванов и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретнаа во вилата „Водно“ и разговараа за кохабитацијата помеѓу Владата и претседателот на државата, како и за односите помеѓу политичките претставници и можностите за унапредување на меѓусебната соработка, информираат од кабинетот на вицепремиерот.

– Иако наша партиска определба останува принципот на етничка консензуалност при изборот на следниот претседател на Република Македонија, подаваме рака за остварување единство, консензус и поддршка за реформите потребни за нашите европски и евроатлантски интеграции. Инклузивноста е важна за да обезбедиме постабилна и поредовна кохабитација помеѓу Владата и претседателот, со што би се обезбедила поефикасна и постабилна функционалност на политичкиот систем – изјави Османи по средбата.

На средбата, Османи го претставил планот „3-6-9“ и од Иванов побарал поддршка за спроведување на мерките и на реформите и за остварување на политичко единство за теми како што е договорот со Бугарија, но и градењето доверба помеѓу Македонија и Грција.

– Меѓу другото, особено внимание посветив на експликација на делот од планот поврзан со меѓуетничките односи, т.е. новиот предлог-закон за употреба на јазиците. Покрај поддршката и за другите мерки од планот „3-6-9“, од претседателот Иванов побарав поддршка и за новиот закон за употреба на јазиците – рече Османи и додаде дека очекува поддршка за новиот закон за употреба на јазиците и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.