Нема знаци на насилство кај пронајденото мртво бебе во село Кленоец
Основното јавно обвинителство – Гостивар соопшти дека е извршен увид во кичевското село Кленоец, каде синоќа било пронајдено починато шестмесечно бебе, и дека е извршена обдукција, која не покажала знаци на насилство.
Обдукцијата е извршена по наредба на јавен обвинител, а првичните резултати укажуваат дека бебето имало вродени срцеви аномалии, а пред смртта дошло до застој на работата на срцето, што предизвикало белодробен едем и задушување.
На телото не се пронајдени знаци што укажуваат на насилна смрт, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.